Американскиот Сенат усвои рекорден одбранбен буџет вреден 738 милијарди долари

19

Американскиот Сенат вчера со големо мнозинство гласови го прифати 738 милијарди долари вредниот одбранбен буџет кој е за 2,8 отсто поголем од минатогодишниот и кој предвидува формирање вселенски сили, а претседателот Доналд Трамп вети дека веднаш ќе го потпише и ќе го претвори во закон.

Сенатот, во кој доминираат републиканците, гласаше со 84 гласа за и осум гласа против за законот за одбрана. Претставничкиот дом со демократско мнозинство го прифати минатата недела со 377 гласа за и 48 против.

Трамп минатата недела на Твитер најави дека законот ќе го потпише штом ќе биде изгласан, истакнувајќи дека тој ги вклучува сите негови приоритети.

Поради тоа што е еден од ретките закони кои Конгресот секоја година успева да го изгласа, законот за одбрана служи за спроведување низа политики. Со него се одредуваат платите во војската, како и кои бродови и летала ќе бидат модернизирани или купени.

Оваа година е изгласан раст на платите од 3,1 отсто за војниците, прв платен одмор за сите сојузни работници и создавање вселенски сили, првата нова гранка на американската војска во повеќе од 60 години, која беше еден од главните приоритети на Трамп.

Претставничкиот дом и Сенатот претходно годинава гласаа за свои верзии на законот. Потоа преговарачите на двете главни партии и домовите на Конгресот, како и претставници на Белата куќа со месеци работеа да постигнат компромис.

На законот вчера му се спротивставија само некои демократи од левото крило на партијата, како и дел од либерално настроените републиканци, незадоволни што во законот не влегоа делови кои би ги ограничиле Трамповите воени овластувања, како забрана за поддршката на саудиската воена кампања во Јемен.

Некои се спротивставија и на растот од 2,8 отсто за воени трошоци додека долгот на државата расте.

Законот за одбрана за 2020 година исто така не го спречува Трамп да ги користи воените средства за изградбата на ѕидот на границата со Мексико.