Американски научници: Во Албанија можеше да биде многу полошо

6

Двајца американски научници објавија анализа на серијата земјотреси кои од вторникот наутро ја тресат Албанија во која истакнуваат дека можело да биде многу полошо.

Со потсетување на жртвите и повредени во многуте земјотреси кои во изминатите денови ја тресеа Албанија, од кои најсилниот удар беше од 6,4 степени по Рихтер, американските научници Рос Стеин и Волкан Свелиген тврдат дека сѐ можело да биде многу полошо.

Тие потсетуваат дека земјотресот во Скопје од 1963 беше нешто послаб, но имаше драматично поголеми последици.

Скопскиот земјотрес од јули 1963 беше со јачина од 6,1 степен, но како последица имаше 1.070 мртви, меѓу три и четири илјади повредени и над 200.000 оставени без покрив над главата, додека самиот град беше речиси 80 отсто уништен.

Двајцата американски научници, во анализата објавена на порталот Темблор, велат дека е многу необична активноста на тлото по најсилниот удар кој во вторникот ја погоди Албанија.

Во Албанија во вторникот и средата се забележани над 520 помали потреси, а најсилните беа нешто над пет степени.

Научниците Стеин и Стелиген го поврзаа земјотресот во Албанја со потресите кои по само шест часа беа регистрирани во повеќе градови во Босна и Херцеговина, од кои најсилниот удар беше со магнитуда од 5,4.

Тие не ја исклучуваат можноста да станува збор за случајност, но доколку, како што велат, активностите на тлото се поврзат, тоа би можело да биде поттикнато од сеизмичките бранови на земјотресите во Албанија, но тие, според нивната проценка, би се рашириле за само неколку минути.

Според нивното толкување, земјотресот што ја погоди Албанија е последица на тектонскиот притисок на Земјината кора, кој се протегал од јужна Хрватска до Грција.

Оваа компресија на Земјината кора, како што истакнуваат, е очигледна во контракциите кои се случиле на површината на Земјата и видлива е и во собирањето кое се случило на Земјината површина, што било покажано на ГПС мерење во споредба со претходните потреси во регионот.