Американски ЦДЦ: 99,5 % од починатите од корона во последните шест месеци, не биле вакцинирани

4

Директорката на Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ), Рошел Валенски, на вчерашниот брифинг во Белата куќа изјавила дека првичните податоци од Центарот покажуваат дека 99,5 проценти од смртните случаи од корона не биле вакцинирани

Валенски вели дека податоците од голем број држави покажуваат дека скоро секоја жртва на коронавирус не била вакцинирана од јануари – еден месец по почетокот на вакцинацијата во САД, пренесува Форбс. Таа истакнала дека ова е одраз на ефективноста на вакцината. „Ова е доказ дека вакцините можат да спречат скоро каква било смрт од коронавирус“, рече таа.

Таа исто така нагласила дека делта сојот во САД сега опфаќа 25% од сите случаи и изразила посебна загриженост за илјада окрузи (пред се на југот и истокот на земјата) каде што се вакцинирани само 30% од населението.

“Овие се нашите најранливи заедници. Поради ширењето на делтата, веќе бележиме зголемен број случаи”, рече таа.

„Секое страдање или смрт од ковид-19 е трагично“, рече Валенски. „Со достапни вакцини низ целата земја, страдањето што го доживуваме сега може целосно да се избегне“, додаде таа.

Белата куќа вчера објави дека ќе испрати специјални тимови на жариштата низ Соединетите држави за борба против многу заразната делта варијанта на коронавирусот, испраќајќи итен повик до невакцинираните Американци да го сторат тоа.

Џефри Зиентс, постар советник во Белата куќа, одговорен за борбата против ковид-19, изјави на новинарите дека тимовите ќе бидат подготвени да го забрзаат снабдувањето со потребната опрема за тестирање, како и да ја зајакнат терапевтската нега во заедниците кои забележале зголемување на случаите на коронавирус.

Просечниот седумдневен број на случаи на ковид-19 во САД се зголемил за десет проценти во однос на една недела порано, рече Валенски.

Таа посочи дека поинфективната, делта варијанта на коронавирусот, која за прв пат беше откриена во Индија, стана втората најраспространета варијанта на коронавирусот во САД.