Ангеловска: Корисниците на домашната платежна картичка веќе можат да пазарат со неа

53

Околу 28 милиони евра се веќе префрлени на банките за домашната платежна картичка, а до средината на изминатата недела се веќе издадени 60.000 картички за корисниците, во износ од околу 11 милиони евра и истите се во функција. Со домашните платежни картички веќе се пазарат македонски производи, рече во гостување во емисијата „Бизнис поенти” на Тв Алфа, министерката за финансии Нина Ангеловска.

-Вкупниот износ од 28 милиони евра е легнат на сметките на банките. Банките секојдневно ги издаваат интензивно домашните платежни картички на граѓаните. Заклучно до 23 јуни веќе 60.000 картички беа во оптек и веќе се плаќа со платежните картички во маркетите, во продавниците, во угостителските објекти. Значи околу 11 милиони евра веќе беа на сметките на граѓаните до 23 јуни. Ние секојдневно ја следиме реализацијата на мерките, како картичките се издаваат и дистрибуираат до граѓаните, но ја следиме ситуацијата и за одредени приговори кои граѓани ги имаат поднесено, затоа што сметаат дека спаѓаат и ги исполнуваат критериумите, но не се нашле на листата – рече Ангеловска.

Министерката за финансии посочи дека тим од Генералниот секретаријат и другите надлежни институции ги разгледуваат приговорите и посочи дека сите кои дале приговор и ги исполнуваат условите, а не се на иницијалната листа, ќе добијат домашна платежна картичка.

Домашните платежни картички можат да се користат за купување на домашни производи до 15 август. Продавниците се задолжени на посебни рафтови или со назнаки да ги посочат македонските производи во малопродажбата.