Ангеловска: Сакаме најдобрите лекари и наставници да ги задржиме во земјата

32

Со буџетот за 2020 година ќе инвестираме во подобро здравство, подобро образование, подобра социјална грижа и воопшто подобри услови за живеење на сите граѓани. Сакаме најдобрите лекари да бидат во јавното здравство, сакаме квалитетни идни генерации, а за тоа предуслов е квалитетното образование, сакаме да обезбедиме грижа за сите генерации, од најмладите до највозрасните, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска, на почетокот на расправата за предлог-буџетот 2020 на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

„Овој буџет е фокусиран на инвестициите во човечкиот капитал затоа што како земја сме исправени пред најголемиот предизвик: како да ги задржиме нашите граѓани во земјата, како да им понудиме подобри услови за живеење и како да придонесеме да бидат посреќни и помотивирани на своите работни места? Ние имаме квалитетни лекари, одлични експерти во својата област, и треба да ги задржиме во земјата да бидат дел од јавното здравство. За да мотивираме дел од квалитетните студенти да работат во просветата, треба да им понудиме пристојни плати. Сакаме да обезбедиме грижа за сите генерации, од најмладите до највозрасните. Сакаме да нема деца надвор од системот на згрижување. Сакаме подобрениот животен стандард да го почувствуваат сите“, рече Ангеловска.

Министерката за финансии истакна дека предлог-буџетот за 2020 година е реален и дека ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.

Вкупните приходи во предлог-буџетот се проектирани на 222,3 милијарди денари, а расходите на ниво од 239,7 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,3 отсто од БДП или 17.385 милиони денари во апсолутен износ.

За здравствена заштита се планирани средства во износ од 33,7 милијарди денари или 2,8 милијарди денари повеќе во однос на лани. Со нив е предвидено зголемување на капитацијата, достапност на лекови во текот на целиот месец. Со буџетот за 2020 година предвидено е покачување на платите од февруари кај специјалистите од 25 отсто, кај општите лекари 15 отсто, кај сестрите 10 отсто, а кај здравствените соработници 5 отсто.

Социјалните трансфери се проектирани на износ од 116 милијарди денари. Во текот на 2020 година 60,7 милијарди денари се наменети за исплата на зголемени пензии како соодветно обезбедување на оваа категорија население. Со буџетот за 2020 година планирано е покачување на пензиите од 700 денари, почнувајќи од јануарската пензија. За исплата на паричен надоместок во случај на невработеност за невработените лица планирани се средства во износ од 1,6 милијарда денари.

Ангеловска рече дека капиталните инвестиции планирани на ниво од 23,6 милијарди денари се обезбедуваат од буџетски средства, ИПА-фондови и заеми.

Во здравствениот сектор планирани се инвестиции во износ од 1,5 милијарда денари наменети за проектот за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, за набавка на медицинска опрема и за реконструкција на Општата болница во Кичево.

За образованието, детската заштита и спортот, предвидени се капитални инвестиции во износ од 2,1 милијарди денари, кои се наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортската инфраструктура.

Економскиот раст в година е проектиран на 3,8 отсто