АНКЕТА НА ИРИ: Невработеноста и недостапноста на вакцини најголеми проблеми за граѓаните

12

Најновото национално истражување во Македонија од страна на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажува загриженост во врска со темпото на пристапување кон Европската унија и ги идентификува невработеноста и КОВИД-19/достапност на вакцини како два најголеми проблеми во земјата.

Исто така, граѓаните на Македонија се чувствуваат обесхрабрени од градоначалниците и локалните претставници пред изборите кои треба да се одржат оваа есен.

Анкетата открива дека пристапувањето во Европската унија има 79% поддршка од јавноста.

Сепак, процентот на оние кои сметаат дека Северна Македонија денес е поблиску до влез во ЕУ отколку во 2005 година – кога првпат доби статус на земја-кандидат, во последните три години падна од 57% на 32%.

-Одложувањата и назадувањата на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, неодамна поради ветото на Бугарија, се чини дека влијаат врз убеденоста на граѓаните дека може да има напредок во пристапниот процес“, рече Пол Мекарти, директор на ИРИ за Европа.

„За среќа, ова не го намали нивниот ентузијазам за потенцијално долгорочната цел за пристапување во ЕУ“.

Прашани за најважниот проблем, најголемиот дел од граѓаните (23%) ја наведоа невработеноста, како и пандемијата и загриженоста за достапноста на вакцини против КОВИД-19 (22%).

Анкетата исто покажа дека граѓаните на Македонија имаат ниска доверба во нивните локални претставници пред изборите што се очекува да се одржат во октомври. На прашањето дали би го поддржале градоначалникот на нивната општина за повторно да биде избран, половина од испитаниците (53%) рекле дека би требало да се избере друг кандидат.

-Повеќе од една година подоцна, пандемијата сѐ уште е примарна грижа за граѓаните на Северна Македонија, кои исто така се грижат за достапноста на вакцините и за економските последици од ограничувањето на движењето и затворените бизниси. На локално ниво, граѓаните можеби ќе бараат промени на претстојните избори, што ги зголемува шансите на опозициските кандидати, рече Мекарти.

Ова национално репрезентативно истражување беше спроведено во име на Центарот за истражување на ИРИ од страна на „Брима“ – компанија за истражување на пазарот, помеѓу 4 март и 6 април 2021 година. Податоците беа собрани со повеќестепен стратификуван примерок преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците. Националниот примерок се состои од 1.222 испитаници на возраст од 18 години и повеќе и беше дополнет со 1.285 интервјуа за примероците во одредени општини.