Анкета на МЦМС: СДСМ во благо водство пред ВМРО-ДПМНЕ, расте рејтингот на Христијан Мицкоски

12

Нецели два процентни поени е разликата во рејтинзите на двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, при што социјалдемократите се во благо водство. Ова го покажа последното истражување на јавното мислење на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС). Анкетата е спроведена од агенцијата „М-проспект“, на терен, на репрезентативен примерок од 1.000 полнолетни испитаници.

Ако утре се одржат парламентарни избори – 22,1% рекле дека ќе гласаат за СДСМ наспроти 20,4% за ВМРО-ДПМНЕ. Кај партиите на Албанците, ДУИ е во предност со рејтинг од 6,6%, следува Алијанса за Албанците со поддршка од 2,6%, па БЕСА со 1,5%, ДПА со 0,9% и Алтернатива (која е дел од Владата) со 0,8%.

Гледано низ призмата на етничката припадност, може да се забележи дека ВМРО-ДПМНЕ е партија со најголема поддршка од етничките Македонци (27,9%), која е за 3,6 процентни поени поголема од поддршкаташто СДСМ ја има кај оваа етничка група (24,3%). За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ има поддршка и кај етничките Албанци. ДУИ е партија со најголема поддршка кај етничките Албанци (30,3%), по неа е СДСМ (13,6%), па Алијанса за Албанците (11,8%) и БЕСА на Билал Касами (7,1%).

Најголем дел од испитаниците (41,3%) кажале дека немаат доверба во ниту еден политичар, а изразиле и целосна недоверба кон актуелната политичка елита. Другата половина од анкетираните најголема доверба имаат во премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, а на второ место е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.


Сепак, споредбено со истражувањето спроведено во ноември 2018 г.,
довербата во Заев паднала за 4,9 процентни поени, додека пак довербата во лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е зголемена за 6,8 отсто.

Ако се изземат испитаниците што рекле дека ниту еден од политичарите не заслужува доверба (41,3%), етничките Македонци во најголем број довербата му ја дале на Христијан Мицкоски (19,3%), лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој не ужива доверба кај етничките Албанци, кои најголема доверба имаат во лидерот на ДУИ, Али Ахмети (31,8%), потоа, лидерот на СДСМ и актуелниот премиер Зоран Заев (13,7%) и лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села (10,4%). За разлика од Христијан Мицкоски, лидерот на СДСМ и актуелниот премиер, Зоран Заев, ужива доверба и во двете етнички групи, односно 17,0% од Македонците и 13,7% од Албанците одговориле дека тој е политичарот во кој имаат најголема доверба.

На прашањето дали СДСМ заслужува повторно да биде избрана на следните парламентарни избори, 33,8 процентни поени од испитаниците сметаат дека владејачката партија заслужува уште еден мандат, додека високи 53,9 процентни поени не го делат овој став.

Испитаниците беа прашани и затоа дали според нив опозициската партија (ВМРО-ДПМНЕ) заслужува да биде избрана на следните парламентарни избори. Мнозинство (58,7%) одговорило негативно на ова прашање, односно смета дека опозициската партија не заслужува да биде избрана на следните парламентарни избори. Малцинство од испитаниците на ова прашање одговориле позитивно (22,3%).

Регионално гледано, СДСМ најголема поддршка има во Југоисточниот регион (31,7%) и Источниот регион (28,6%). Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ најголема поддршка има во Југозападниот регион (38,1%) и Вардарскиот регион (32,5%). Партијата која има најголем рејтинг во албанскиот блок – ДУИ најголема поддршка има во Југозападниот регион (16,8%) и Полошкиот регион (15,8%).