Анкета: Тројца од четворица Грци сигурно или веројатно ќе се вакцинираат

11

Мнозинството Грци, односно 75 отсто од анкетираните, велат дека сигурно (56 проценти) или веројатно (19 отсто) ќе се вакцинираат, а само 22 проценти одговориле негативно, според истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse” за грчката телевизија „Скај”, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на тоа кога ќе се имунизираат, 56 отсто рекле колку е можно побргу, 13 проценти по два до три месеци, а исто толку одговориле никогаш, додека пак 48 отсто позитивно го оценуваат процесот на вакцинација во земјата.

За мутациите на коронавирусот, речиси шест од десет анкетирани (59 отсто) изразиле загриженост.

Владината одлука да не ја укине забраната за движења меѓу региони, за 54 отсто е во правилна, а за 28 проценти од испитаниците во погрешна насока.

На политичката сцена, владината Нова демократија е со подобра рејтинг од опозициската СИРИЗА, со разлика од 13,5 проценти, додека пак на прашањето кој е посоодветен за премиер, 44 отсто го одбрале Кирјакос Мицотакис, 26 проценти Алексис Ципрас, а 27 отсто ниту еден од двајцата.

Во анкетата, од испитаниците било побарано да го оценат ставот на шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас за време на прес конференцијата во Анкара по средбата со неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу и 75 отсто дале позитивна оценка.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Pulse”, за грчката телевизија „Скај” било спроведено од 23 до 25 април 2021 година со анкетирани 1.305 лица со право на глас.