Апасиев: Можни десетина сценарија за формирање парламентарно мнозинство, три најостварливи

7

Лидерот на Левица Димитар Апасиев смета дека постојат десетина можни сценарија за постигнување парламанетарно мнозинство и формирање влада со постојните изборни резултати, од кои три се реални, остварливи и ги смета за најбитни.

 

Тој во гостување на Канал 5 ТВ, вели, првото е коалиција на СДСМ и ДУИ.Барањето за Албанец премиер, според него е блеф на ДУИ, а во замена би го добиле МВР.

Втората остварлива варијанта, според Апасиев, е коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со сите други албански партии без ДУИ. И третото остварливо сценарио за кое вели нема државнички капацитет кај двајцата лидери, Мицкоски и Заев, е т.н. „скопска платформа како пандан на тиранската“.

„Имено, мислам дека доколку продолжат експанзионистичките барања после секои избори на албанскиот политички кампус треба да се воспостави македонска или скопска, како сакате да ја наречете, платформа која што во четири точки, ќе каже ова се црвените линии за да нема стрес кај македонскиот народ после секои избори дали ќе ни се федерализира државата, дали ќе се кантонизира. Показна, така јас ја нарекувам – показна една година до локалните па заедно со локалните да има предвремени парламентарни избори каде што ќе се докаже дека во нашиот систем кога е државата во прашање двете најголеми македонски партии можат да коалицираат со цел да не дозволат федерализација на државата. Но, во тој случај, ниту Заев, ниту Мицкоски ќе бидат премиери, веројатно ќе најдат некој побезболен лик којшто би бил премиер една година“, вели лидерот на Левица.

Левица, хипотетички, вели, од овие три сценарија, би дала поддршка на второто, но поради кражбата на гласови, за што обвинуваат, нивен врвен приорит и прашање за кое би разговарале е промена на изборниот модел во една изборна единица.