Арсовска: Актерите се чувствуваат како неправедно осудени, Министерството е инертно за новите протоколи

45

Нема актер кој во моментов не се чувствува како да е неправедно осуден, вели актерката и претседателка на Синдикатот на културните работници на Македонија, Сања Арсовска во интервју за Радио Слободна Европа, коментирајќи ги предизвиците со кои се соочува оваа сфера за време на пандемијата на ковид-19.

Арсовска меѓудругото, критикува дека Министерството за култура е интертно кога е во прашање носењето на нови протоколи за работа. Верува дека за се има решение, но прашањето е дали има волја.

„Можеби тие бизнис заедници, односно угостителските заедници или заедницата на обложувалници се некако погласни во остварувањата на нивните права. Јас разбирам дека и тие имаа економски штети, дека целата држава имаше голема економска штета, но она што фали во културата е вистински застапник на уметниците и културните работници во Министерство за култура за да се избори за и ние да добиеме некаков протокол, а со тоа и да отпочнеме со извршување на нашите работни задачи. Не мислам дека е така комплицирано, постојат различни протоколи, постојат начини на коишто ќе се заштитат и вработените, односно актерите кои нормално, пожелно е да играат на сцена без заштитна маска, а за публиката убедена сум дека е полесно да се реши. Не е во прашање дали има решение, туку дали има волја. Некако имам чувство дека Министерството е инертно по тоа прашање и затоа останаа театрите последни коишто ќе се отворат“,вели Арсовска.

Таа очекува дека од наесен овие прашања ќе се решат и ќе се овозможи повторно да се врати животот на културната и уметничката сцена.

„Веќе четири месеци, со исклучок на една изведба којашто, на сцена но виртуелно, ја имавме овде во Младински културен центар заедно со „Црнила ремикс“, освен таа претстава немавме ниту една друга. Театарот моментално е замрен. Замрени се и повеќето културни институции и, за жал, се уште немаме протоколи за работа. Бидејќи официјално заврши и сезоната, се надевам дека од септември ќе се сфатат нештата посериозно по прашање на културната и уметничката сцена“,вели Арсовска.

Театрите беа меѓу првите институции кои прекинаа со работа по појавата на ковид-19. Во најтешка положба се хонорарците кои со месеци останаа без никаков ангажман и примања.