Арсовска: Трчањето од шалтер до шалтер ќе биде минато

10

Скопје – град на дигитални можности, едношалтерски систем, апликација на Град Скопје, се дел од ветувањата што денеска во рамки на изборната кампања ги даде независната кандидатка за градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа вели дека граѓаните во секое време ќе може да проверат што се случува со нивното барања и ќе добиваат одговори во рок од 24 до 72 часа, а административните услуги ќе бидат достапни електронски со едноставни постапки без обврска за одење во општина.

„Чекањето во редици и трчањето од шалтер до шалтер ќе биде минато благодарение на дигитализацијата и новата едношалтерска услуга. Во исто време за граѓаните кои не користат дигитални решенија ќе биде на располагање канцеларија отворена 24 часа во служба на граѓаните. Додека пак апликацијата ќе обезбеди и опции за пријавување дефекти во јавната инфраструктура, пријавување диви депонии или повикување општински служби и ќе биде поврзана со системот за дигитален мониторинг во сообраќајот овозможувајќи брзо детектирање на достапните места за паркирање“,вели Арсовска.

Таа на денешната прес-конференцијата пред градската библиотека „Браќа Миладиновци“ вети дека библиотеката ќе се реновира и ќе се модернизира, ќе добие подобрен пристап до интернет и поголема база на стручни списанија. Исто така, вети и нова библиотека во Аеродром и нови современи читални во повеќе скопски општини.