„АстраЗенека“ ќе паузира со тестирање на вакцината откако волонтер се разболе од ковид-19

17

Ова е рутинска пауза која треба да се направи секогаш кога има потенцијално необјаснето заболување при тестирањата, велат од компанијата.

Британската фармацевтска компанија „АстраЗенека“ ќе паузира со глобалните истражувања на вакцината против корона вирусот откако еден волонтер необјаснето се разболе од вирусот, објави Ројтерс.

Светската здравствена организација (СЗО) ја сметаше оваа вакцина, развиена во Универзитетот Оксфорд, за водечки кандидат и најнапредната во фазите на развојот.

Компанијата доброволно прекинала со вакцинирањето овозможувајќи му на независниот комитет да ги прегледа безбедносните податоци и работи на тоа да ги сведе на минимум потенцијалните ефекти во периодот на тестирање.

– Ова е рутинска пауза која треба да се направи секогаш кога има потенцијално необјаснето заболување при тестирањата – велат од компанијата.

Не е објавена природата на болеста иако се очекува волонтерот да оздрави.

Според Њујорк тајмс, кој цитира извор близок до ситуацијата, волонтерот од Британија имал трансверзален миелитис, воспалителен синдром кој го погодува рбетниот столб и често поттикнува вирусни инфекции. Дали болеста е поврзана директно со вакцината на „АстраЗенека“ останува нејасно. Компанијата не се произнела по овој извештај во „Њујорк тајмс“.