Атентаторот од Ница не се наоѓа на листите на осомничени терористи

47

21-годишен Тунижанец е осомничен за свирепото убиство со нож на три лица во Ница. Претседателот Емануел Макрон го означи злосторството во црквата Нотр Дам како напад врз цела Франција.

Главниот обвинител за борба против тероризмот во Франција, Жан-Франсоа Рикар, беше огорчен во вечерните часови: медиумите уште попладнето го објавија идентитетот на осомничениот атентатор, за кој се тврди дека е одговорен за убиствата на три лица базиликата Нотр Дам во центарот на Ница. Избрзаната идентификација ја комплицира работата на полицијата, која трага по можни соучесници на сторителот и сака да ја разјасни заднината на злосторството, се пожали Рикар.

Осомничениот дошол преку бегалските рути

Осомничениот Брахим А. е тешко повреден и се наоѓа во болница. Кога бил уапсен, тој и’ се заканувал на полицијата со пиштол и потоа бил застрелан, рече обвинителот. Туниската полиција во меѓувреме отвори сопствена истрага за човекот, чие семејство живее во пристанишниот град Сфакс. Местото е оддалечено само 130 километри од италијанскиот остров Лампедуза и го користат многу мигранти од регионот како отскочна штица кон Европа. Брахим А. не им бил познат ниту на туниските ниту на француските власти како осомничен терорист.

Frankreich Nizza | Messerattacke | Ermittlungen (Gaillard Eric/abaca/picture alliance)
Тој го напуштил Тунис на 14-ти септември со брод и дошол во Италија преку Лампедуза, каде се вели дека пристигнал на 27-ми септември. Италијанските власти, во согласност со стандардната пракса, го пуштиле на слобода по кратко време, а тој потоа од Бари стигнал до Франција. Француските власти сега се обидуваат да го реконструираат неговото патување. Единствениот документ што го пронашле кај него била картичка издадена од италијанскиот Црвен крст. Колку со тоа можат да се потврдат неговото име и идентитет, сè уште не е сигурно.

Случајни жртви

Атентаторот пристигнал на централната железничка станица во Ница нешто пред 7 часот наутро и чекал таму некое време. Во 08:30 часот влегол во катедралата Нотр Дам, каде и го пресекол грлото на 60-годишна жена. Втората жртва, црковен службеник, била усмртена на ист начин. Друга 44-годишна жена со сериозни повреди прво успеала да побегне во блискиот ресторан, каде по кратко време починала. Полиција пристигнала на лице место во рок од неколку минути, упаднала во црквата и го совладала напаѓачот.

Човекот имал три ножа со себе кога бил уапсен, од кои едниот бил оружјето со кое ги извршил убиствата. Освен тоа, кај него се пронајдени и лични предмети и телефон. Убиствата се класифицираат како исламистички тероризам затоа што се вели дека Тунижанецот извикувал „Алаху Акбар“ кога пристигнала полицијата.