БАЛКАНСКИОТ ФЕНОМЕН КУРТИ

33

Албин Курти секогаш ќе биде добар пример за политичар, кој после огромни напори, успеал да го донесе народот на власт. Балканските премиери, сите до еден, а несомнено и Вучиќ, веќе имаат колега кој покажа дека чесноста, пожртвуваноста и правдата можат да излезат на површина. Заради народот кому сите многу му должиме

Од  Др. Арбен ТАРАВАРИ

Веста што не може да се спореди со ниту една друга е победата на Самоопределување (Vetvendosje) на Косово. Триумфираше на парламентарните избори на 6 октомври. Народот на Косово и во регионот, по повеќегодишната агонија и политичко-социјална транзиција, доби личност каква што е Албин Курти!

Овој човек не остава само впечаток на интелектуалец кој поминува долги часови читајќи. Овој човек ја покажа  личноста која во себе имала постојан револуционер со кауза која што никогаш не ја изневерил, не ја променил и не се пазарел за неа. Поборник за слобода и правда, мотивиран од трагичното минато на својата земја, Курти, пред сѐ, имаше визија Албанците да бидат слободни и да ѝ се радуваат на сопствената држава.

Она што најмногу ќе го повредеше Курти ќе беше упропастувањето на државата од страна на домашните властодржци, државата која беше стекната со многу жртви и чија судбина претходно беше последица на луѓе со изопачена (не)памет. Кога после многу болка, страдање и умирање следуваше мирот, благородниот албански народ имаше само еден сон: МИР И ПРОСПЕРИТЕТНА ДРЖАВА!

Косово, со своите богатства и со својот работлив народ,  имаше многу можности, но, за жал, оние на кои им беше доверена задачата да ја водат државата испаднаа предавници. Ликови кои  се обидуваат државата да ја искористат како меница за збогатување. Народот беше презаситен од сѐ. Посакуваше, но не беше сигурен, дека некогаш на власт може да дојде некој „кој што барем помалку краде“. Свртејќи се кон Курти, кој веднаш штом ги воочи првите знаци на злоупотреба на власта, реагираше, а разочараниот народ почна да се буди од затворот на својата апатија предизвикана од предавството. И му поверува на овој човек, кој се потруди да покаже дека нема да им ја изневери довербата. Како никогаш досега, инспирираше насекаде, и млади и возрасни!

Албин Курти, човекот кој успеа да обедини стотици и илјадници луѓе околу едно Движење какво што е Самоопределување. Се покажа како верен глас на народот и неговите права, човек со глас и силен став против оние кои ја искористија власта, покажувајќи дека нивното место е в затвор.

Албин Курти, денес, на Косово, го донесе на власт секој граѓанин, не само оние што го гласаа, туку сите, феномен речиси непознат за балканските држави кои биле заложници на политиките на уцени и одмазда. Кај нас, ако не победи партијата за која си гласал, стануваш како бегалец без права во твојата земја. Државата не ти ги отвора вратите кон подобрата иднина, а да не речам и ти ги треска пред лице.

Залагајќи се за конкретни работи кои отсуствуваат од ‘розевите’ говори на властодржците, покажувајќи конкретни програми подготвени од стручњаци, верувајќи во патриотизам, традиција, нација и јазик,  како хуманист и љубител на слогата меѓу народите, се чини дека Курти претставува политичар каков што му треба на Балканот! Не само на Косово.

Албин Курти умее да ја покаже големата разлика дека политиката треба да е во служба на народот, а не народот во нејзина служба. Духот на Самоопределување е сега веќе  бранот што го зафати сиот Балкан! Без ниеден ден на власт, Самоопределување и Курти направија невидена промена во политичкиот и партискиот живот на Балканот. Самоопределување и Албин Курти дадоа пример за првиот триумф на правото над криминалот. Големината на оваа победа е многу поголема од географијата на државата Косово, го зафаќа и целиот Балкан.

Албин Курти секогаш ќе биде добар пример за политичар, кој после огромни напори, успеал да го донесе народот на власт. Балканските премиери, сите до еден, а несомнено и Вучиќ, веќе имаат колега кој покажа дека чесноста, пожртвуваноста и правдата можат да излезат на површина. Заради народот кому сите многу му должиме.

Љубовта кон нашите семејства, нашето право на живеење е еднакво како за Албанците, така и за Македонците, Србите, Грците … за целиот Балкан! Косовскиот народ ширум светот разбра, се обедини и се САМООПРЕДЕЛИ. Толку едноставно! Ова е таа порака што ни треба сите нам, дека ако се обединиме, без страв и без сомнеж, можеме да го истераме секој оној кој што се поигрува со нашите животи.

Посакувајќи ѝ на Владата на Курти успешна работа и одговорност кон исполнување на стремежите, му се заблагодарувам на Косово што го донесе Денот којшто чекаме да светне и во нашата држава!

Затоа што: Vox Populi Vox Dei!

(Авторот е редовен колумнист на весникот КОХА)