Барса му даде ултиматум на Дембеле да каже до крајот на месецот дали останува!

4

Шпанска Барселона ѝ дала ултиматум на својата француска ѕвезда Осман Дембеле до крајот на месецов да одговори дали планира да остане во каталонската гордост, откако веќе подолг период менаџерот на овој фудбалер го игнорира раководството на поранешниот шпански и европски првак.

Според каталонски „Спорт“ на Жоан Лапорта и соработниците им здодеало чекањето, откако тиме му ја пратиле последната понуда за нова соработка на Дембеле, па дури и се разочарани од односот на Французинот, зашто се однесува некоректно кон клубот, кој повеќе од пола договор имаше трпение со него поради бројните повреди.

На Барса ѝ се брза за одговор од Дембеле, зашто ако Французинот е решен да не продолжува, тогаш Каталонците во јануари планираат да го продадат за да заработат на него и да не го загубат на лето како слободен играч, бидејќи тој веќе влезе во последната година од својот договор.

„Дембеле на луѓе во клубот ги убедува дека сака да остане, а од друга страна тајно преговара со Манчестер јунајтед и Јувентус, наводно имал и состаноци. Барса во него вложи многу пари и веќе не сака да губи време и нема трпение за разно-разни игри“, пишува „Спорт“.

Дембеле дојде во Барса како замена за Нејмар, кој во 2017 година замина во ПСЖ, а Каталонците за него платија 135 милиони евра, но тој одигра само 118 меча и даде 30 гола, а пола договор го мина во фази на рехабилитација поради многу различни повреди.