Бајден ги поддржа демонстрантите на Куба

15

Американскиот претседател Џо Бајден вчера ги поддржа демонстрантите што учествуваат на антивладините протести на Куба.

„Народот на Куба бара ослободување од авторитарниот режим. Одамна не сме виделе вакви протести, можеби никогаш. Соединетите Држави цврсто стојат зад народот на Куба додека ги бара своите универзални права и ние ја повикуваме кубанската влада да се воздржи од насилство и од обиди да го замолчи гласот на народот“, рече Бајден.

Тој ги отфрли тврдењата на кубанската влада дека зад протестот стојат САД.

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, се огласи веднаш откако кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез Париља ги обвини американските платеници за предизвикување немири.

„Мислам дека би било голема грешка за кубанскиот режим да го протолкува она што се случува во селата и градовите низ Куба како нешто што го сториле Соединетите Држави“, рече Блинкен.

Претходно, Париља рече дека на Куба нема востание, туку „нереди и немири предизвикани од претходно подготвена акција што чинеше милиони“.

Кубанскиот претседател Мигел Дијаз Канел оцени дека немирите се резултат на економската репресија од страна на Соединетите Држави.

Илјадници луѓе претходните денови протестираа на улиците на кубанските градови, а Дијаз Канел рече дека фрлале камења кон полицијата и менувачниците, дека краделе и палеле возила и се однесувале „целосно вулгарно и деликвентно“.

И претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на Твитер ги поддржа демонстрантите во Куба.

„Голема храброст е тоа што луѓето на улиците на Куба бараат слобода и основни права“, рече таа.