Бајден е подготвен да разговара со Путин за ставање крај на војната во Украина    

0

„Подготвен сум да разговарам со Путин ако всушност постои интерес тој да одлучи дека бара начин да стави крај на војната. Тој сè уште не го сторил тоа“, порача американскиот претседател Бајден по вчерашната средба со францускиот колега Макрон

Американскиот претседател Џо Бајден ја покрена можноста за разговори со рускиот претседател Владимир Путин за преговарање за завршување на војната на Москва против Украина, но рече дека допрва треба да види подготвеност и интерес од страна на Путин да ја запре неговата 10-месечна инвазија, пишува Гласот на Америка.

„Немам непосредни планови да контактирам со господинот Путин. Нема да го сторам тоа сам. Подготвен сум да разговарам со Путин ако всушност постои интерес тој да одлучи дека бара начин да стави крај на војната. Тој сè уште не го сторил тоа“, рече Бајден на прес-конференцијата во Белата куќа по одржаниот неколкучасовен разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, додавајќи дека потенцијалниот разговор со Путин би бил само во консултација со сојузниците во НАТО.

Бајден ја стави одговорноста за завршување на војната директно на рускиот претседател.

„Има еден начин оваа војна да заврши, Путин да се повлече од Украина. Болно е тоа што го прави“, рече Бајден.

Американскиот претседател рече оти САД никогаш нема да побараат од Украина да направи компромис за завршување на војната без согласност на владата во Киев.

Францускиот претседател Емануел Макрон кој вчера беше на средба со Бајден рече дека е уверен оти САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина со поголема воена и хуманитарна помош.

„Се работи за нашите вредности. Многу е важно САД да ја поддржат Украина“, рече францускиот лидер.

Посетата на Макрон во Белата куќа е неговата прва официјална државна посета откако неговиот колега Бајден ја презеде власта во на почетокот на 2021 година.