Бајден: Народот ни даде јасна и убедлива победа, мора да ѝ ја вратиме душата на Америка (ВИДЕО)

33

Обраќајќи ѝ се на нацијата, демократот Џо Бајден рече дека народот им дал чиста и убедлива победа, дека луѓето го кажале своето и се заблагодари за, како што рече, 74-те милиони гласови што ги добил. Бајден најави дека ќе биде претседател што ќе се обиде да ја обедини земјата и „да ја оконча мрачната ера на демонизација“. Ќе сторам сѐ за да ја сменам состојбата со пандемијата, рече тој, најавувајќи дека ќе организира тим научници. Да бидеме нација каква што знаеме дека можеме да бидеме, рече тој.

Бајден рече дека победил со најмногу гласови (74 милиони, тврди тој) што некој претседател на САД ги добил на изборите.

Во Чејс центарот во Вилмингтон, Делавер, каде што порасна Бајден, на насобраните прво им се обрати идната потпретседателка, првата жена на таа позиција, Камала Харис. Таа му се заблагодари на тимот што работеше на кампањата, наведувајќи дека тие, заедно со сите што се грижат за изборниот процес и со секој глас, го зачувале идентитетот на демократијата, а за тоа им се заблагодари на сите гласачи. Ги избравте надежта, заедништвото, пристојноста, науката, рече таа.

Обраќајќи се по неа, Бајден рече дека е горд демократ, но дека ќе се однесува и ќе ја извршува својата функција како претседател на сите граѓани. „Ветувам дека ќе бидам претседател што не создава поделби, туку обединува, кој не гледа црвени и сини држави, туку само Соединети Држави.“ Тој вети дека ќе работи напорно за оние што не гласале за него, исто како и за оние што гласале. Денес нека заврши мрачната ера на демонизацијата, рече тој и додаде: „Мора да ѝ ја вратиме душата на Америка“.

Зборувајќи за пандемијата, тој рече дека неговиот прв потег ќе биде борбата против коронавирусот, од кој починаа повеќе од 230.000 Американци, а милиони останаа без работа. Најави дека в понеделник ќе назначи тим од здравствени експерти, кои од 20 јануари, по инаугурацијата, ќе донесат план за борба против коронавирусот. Наведе дека нема да се штеди во намерата да го сврти текот на пандемијата.

Во својот говор додаде дека ќе се бори и против системскиот расизам, како и дека климатските промени се на неговата агенда. Тој најави дека ќе даде сѐ од себе за Америка да биде почитувана низ целиот свет.

„Да бидеме нацијата за која знаеме дека можеме да бидеме. Нација обединета, нација зајакната, нација исцелена“, вели тој.

Време е да ја вратиме демократијата, рече тој. Време е да се слушаме едни со други, а своите противници повеќе не смееме да ги третираме како непријатели, бидејќи тие не се тоа, тие се исто така Американци, додаде тој.

„Вечерва немаше да бидам тука без љубовта кон мојата сопруга, децата, внуците и целото семејство“, рече Бајден. Потоа ѝ се заблагодари и на Камала Харис. За потпретседателката рече дека таа е првата Афроамериканка на таа позиција, првата жена и првата личност со азиско потекло на таа позиција и дека „таа е доказ дека ништо не е невозможно во Америка“.

Им се заблагодари и на сите што овозможија избори среде пандемијата, броеја гласови, работеа на анкетите, но и на оние што излегоа да гласаат.

Тој им се обрати на луѓето што гласаа за Трамп, изјавувајќи дека сфаќа како се чувствуваат, затоа што и самиот повеќе пати бил неуспешен, но додаде дека сака на поделбите да им дојде крај и ги повика на тоа. Време е да се прекине со острата реторика, да ја спуштиме температурата, да се гледаме едни со други и да се слушаме едни со други, и да напредуваме, порача тој, а за ситуацијата во која се наоѓа Америка употреби метафори од Библијата.

„Нашата нација е обликувана од постојаната битка помеѓу нашите подобри ангели и нашите најмрачни импулси. Време е да надвладеат нашите подобри ангели“, рече тој.

„Вечерва целиот свет ја гледа Америка, Америка вечерва е светилник“, рече Бајден.

Тој наведе дека е изненаден од прославите на улиците и дека се чувствува малку непријатно поради толку големата доверба што му е дадена. Настаните на улиците ги опиша како излив на надеж, радост и верба во иднината.

Со 77 години, Бајден ќе биде најстариот американски претседател во историјата. „Јас сум сопруг на Џил и не би бил тука без неа. Таа ќе биде одлична прва дама“, рече тој.

Бајден излезе со песна од Брус Спрингстин, а собирот заврши со песната на Тина Тарнер „Simply The Best“ и звуците на Колдплеј, омилениот бенд на неговиот покоен син, и со огномет.