Бајден: Последното што ни треба е неандерталското размислување за тргање на маските

16

Претседателот на САД, Џо Бајден, оцени дека одлуката за укинување на задолжителното носење маски, каква што донесоа гувернерите на Тексас и на Мисисипи, претставува „неандерталско размислување“ затоа што бројот на смртните случаи од ковид-19 продолжува да расте.

На прашањето дали има порака за Тексас и за Мисисипи, Бајден на новинарите им рече дека „смета дека тоа е голема грешка“.

„Видете, се надевам дека сите сфатија дека овие маски прават разлика.“

Бајден рече дека зголемената достапност на вакцините помага во скротувањето на пандемијата, но дека е од клучно значење да останете претпазливи и да носите маски, да ги миете рацете и да одржувате дистанца.

„Последното нешто, последното што ни треба е неандерталското размислување ‘сè е во ред, тргнете ги маските’. Заборавете го тоа. Сè уште е важно“, рече Бајден пред состанокот со демократските и републиканските пратеници посветен на борбата против карциномот.

Запрашан за изјавата на Бајден, гувернерот на Мисисипи, Тејт Ривс, за Фокс њуз изјави дека во таа држава „веќе нема здравствена криза“. „Би сакал претседателот да се фокусира на верување во Американците, наместо на навредување на Американците“, рече тој.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот, во вторникот го објави најширокото укинување на мерките против коронавирусот во сите американски држави, велејќи дека повеќето компании може да бидат отворени со полн капацитет следната недела и дека ќе се укине обврската за носење маски.

Бајден претходно изјави дека повеќе од 511.000 луѓе починале од ковид-19 во САД и дека ќе биде потребно време да се вакцинираат сите што имаат потреба за тоа.

Дневниот број на новозаразени во Соединетите Држави сè уште надминува 50.000, иако владата досега даде речиси 100 милиони дози вакцини.