Бајден: Путин нема поим што го чека

22

Во својот прв говор за состојбата на нацијата, американскиот претседател Џо Бајден упати остри предупредувања до рускиот претседател Путин.

Пораката што американскиот претседател Џо Бајден му ја упати на рускиот претседател Владимир Путин беше јасна: Слободата секогаш ќе победи над тиранијата, рече Бајден на почетокот на својот прв говор за состојбата на нацијата пред двата дома на Конгресот во Вашингтон.

Бајден ја пофали подготвеноста на украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот народ за одбрана и ѝ вети на Украина поддршка од страна на САД.

Истовремено, американскиот претседател ги бранеше санкциите воведени против Москва и најави дека притисокот врз земјата ќе се зголемува. Во насока на рускиот претседател рече: „Тој нема поим што го чека.“ Дури и ако Русија напредува на бојното поле, Путин долгорочно ќе плати „висока цена“, изјави Бајден: „Во нашата историја ја научивме оваа лекција: кога диктаторите ќе навлезат во една земја, тие мора да платат за тоа“. Затоа, како што рече тој, НАТО е основан по Втората светска војна – за да гарантира „мир и безбедност во Европа“.

Американскиот претседател Бајден ги бранеше санкциите воведени против Москва и најави дека притисокот врз земјата ќе се зголемува

Американскиот претседател ја истакна обединетоста на Западот против Москва. Рускиот претседател мислеше дека ќе го подели Западот и дека НАТО нема да реагира, но се пресмета, потенцираше Бајден. „Ние бевме подготвени. Путиновата војна беше со намера и без основа“, опомена тој.

Путин во меѓувреме е поизолиран од светот отколку кога било досега, нагласи американскиот претседател додавајќи: „Кога ќе се пишува историја за оваа ера, Путиновата војна против Украина ќе ја направи Русија послаба, а остатокот од светот појак.“

Истовремено тој даде уверување дека САД нема да испраќаат свои трупи во Украина.