Бегалка од БиХ ќе биде нова министерка за правда на Австрија

13

Бегалка од БиХ ќе биде министерка за правда во новата австриска влада, предводена од Себастијан Курц, кој вчера, по неколку месеци преговори, договори историска коалиција со Зелените.

Со 35 години, Алма Задиќ ќе биде најмладата министерка за правда во историјата на земјата.

Задиќ е родена во Тузла, од каде што избегала со семејството во 1994 година, среде крвавата војна во БиХ. Таа дипломирала право во Виена, а потоа ги продолжила студиите на Универзитетот Колумбија во Њујорк. По враќањето од САД, седум години работела како адвокат.

Поради своето потекло, често била изложена на јавни вербални напади, дури и од пратеник на Народната партија, чиј лидер Курц сега ја постави за министер од редовите на Зелените.

Партијата на зелените за првпат влезе во националната влада и Курц кажа дека тоа е доказ дека „е можно истовремено да се штитат и границите и климата“.