БЕГ бара поскапување на парното греење за 300 отсто, Владата преговара со „Гаспром“ за цената на гасот

12

Компанијата БЕГ, снабдувачот со парно греење за Скопје, од Регулаторната комисија за енергетика побара парното да поскапи за 300 отсто, со образложение дека за толку била порасната цената на гасот на светските берзи во однос на јули, кога беше донесена последната одлука за цената на топлинската енергија.

Владата се уште води преговори за цената по која Македонија ќе се снабдува со гас, и веќе деновиве ќе се знае по која тарифа ќе успее да го набави овој енергенс за следниот период.

Вчера компанијата „Макпетрол“ соопшти дека склучи договор со компанијата „Гаспром“ и ги обезбеди потребните количини на гас за македонскиот пазар, односно за деловните партнери со кои соработуваат.

„Притоа, сакаме да информираме дека цената што ја постигнавме во овој договор со „Гаспром“ е за 30 отсто пониска од берзанската цена, а сите деловни партнери што соработуваат со „Макпетрол“ ќе имаат обезбедна стабилна и навремена испорака“, велат од компанијата и додаваат дека покрај другите деловни партнери, „Макпетрол“ со гас снабдува и дел од компаниите што обезбдуваат парно греење за граѓаните, меѓу кои не е БЕГ.

Од Владата велат дека ќе го заштити животниот стандард на граѓаните, а за тоа ако треба, ќе преземеле и вонредни мерки.

„Снабдувањето со топлинска енергија за поголем дел од домаќинствата, како и за сите останати потрошувачи коишто се приклучени на централното парно греење на природен гас во Скопје, е во надлежност на приватните економски оператори, а цената на испорачаната топлинска енергија ја одредува Регулаторната комисија за енергетика“, велат од Владата.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера соопшти дека преговорите со Гаспром се на самиот крај.

„Ние ја следиме состојбата на тој пазар, на либерализиран пазар, ќе видиме со која цена снабдувачот на гас во нашата земја ќе обезбеди соодветна цена на гас. Сега се уште преговорите не се завршени, најверојатно би требало денеска, утре да се знае по која цена е обезбедено количината на гас потребна за нашата држава“, изјави Битиќи.