БЕГ ја загуби лиценцата за парно греење на Скопјани, соопшти Бислимоски

5

По седницата на Регулаторната комисија за енергетика, претседателот на Комисијата Марко Бислимоски соопшти дека е донесена одлука за престанок на лиценцата за парно греење на БЕГ во Скопје. РКЕ ќе ја информира Владата и потоа таа, во соработка со Министерството за економија, ќе може да организира јавен повик за избор на нов оператор за производство на топлинска енергија, рече Бислимоски. Тој очекува роковите да бидат куси за да може брзо да се организира топлинското загревање на станови и фирми во Скопје.

Бислимоски рече дека во изминатиот период се комуницирало со БЕГ, но дека по давањето на позајмица од страна на Владата било стабилизирано произодството на топлинска енергија. Од БЕГ биле на ставот дека нема да можат да организираат производство на топлинска енергија со таков квалитет како порано.

Според Бислимоски, скопјани нема да имаат последици од одлуката. Тој појасни дека на просторите на поранешна Југославија со парното греење стопанисуваат држани или општински претпријатија и дека е тоа добро искуство.

Бислимоски потсети дека Град Скопје се изјаснил дека не е способен да организира производство на топлинска енергија за главниот град. Останува искуството дека државата треба да се вмеша во регулирање и производство на оваа дејност.

Тој нагласи дека според законот, лиценцата за производство на топлинска енергија значи дека РКЕ може да му ја определи цената на БЕГ, додека ТЕ-ТО не е регулиран производител, што значи дека се определува цена на регулираното производство.