Без симптоми на ковид-19 околу 34 отсто од заболените во Македонија, а до 19 години заразено 51 лице

Охрабрувачки бројки, излечени 301 лица Според анализите на ИЈЗ, најчести симптоми на кои се жалат заболените се температура и тоа 64,5% од нив, кашлица - 53,7%, малаксаност - 33,5%, треска -18,4%, главоболка -16,9%, болка во грло - 15,9% и отежнато дишење 14,4%. Но висок е и процентот на лицата од 34,6% кои не се пожалиле на регистрираните симптоми на заболувањето.

40

Во земјава три дена по ред расте бројот на излекувани пациенти во однос на бројот на заразени. Ова се охрабрувачки бројки и како што вели министерот за здравство Венко Филипче и дополнителна мотивација за лекарите во болниците и за матичните лекари.

Од почетокот на епидемијата регистрирани се 1.300 заразени со ковид-19, а досега излекувани се вкупно 301 заразени, што претставува околу 20% од сите заболени. Меѓу оздравените се и 23 здравствени работници. Најотпорни на вирусот ковид-19 во земјава се најмладата генерација на возраст од нула до 19 години и од нив само 51 лице заболело.

Од вкупниот број на заразени 93 се импортирани, од нив едно лице е детектирано на точка на влез на Меѓународен аеродром Скопје, а останатите се заразиле преку контакт со заболено лице. За жал битката со болеста досега ја изгубија 56 пациенти.

Институтот за јавно здравје анализира дека најчести симптоми на кои се жалат заболените се температура и тоа 64,5% од нив, кашлица – 53,7%, малаксаност -33,5%, треска – 18,4%, главоболка – 16,9%, болка во грло – 15,9% и отежнато дишење 14,4%. Но според анализите на ИЈЗ висок е и процентот на лицата од 34,6% кои не се пожалиле на регистрираните симптоми на заболувањето.

Во однос на заразените според пол, регистрирани се 584 машки и 647 женски лица. Специфичниот морбидитет кај машките е 56,3 на 100.000 жители, додека кај женските 62,7 на 100.000 жители.

Возраста на заболените се движи од 0 до 91 години, а просекот е 45 години. Најголем број на заболени до 20 април годинава се на возраст од 50-59 години – 255 (20,7%), каде е регистрирана и највисока специфична инциденца – 76,6/100.000. Кај лица над 60 години регистрирани се 248 случаи.

Во земјава од пријавените случаи, 21,2% болнички се лекувале, а останатите во домашни услови. Регистрирани се 210 заболени меѓу здравствени работници што претставува 17 5проценти од вкупниот број на заразени.

Министерот е задоволен што вкупно досега во земјава се направени 13.649 тестирања на ковид-19, бројка што не става во врвот во регионот. Истовремено се скратува времето на чекање на резултатите зашто во функција е и лабораторијата во МАНУ.

Министерот информираше дека како доброволна поддршка на Инфективна клиника во Скопје е кардиологот д-р Игор Палевски кој со големо искуство доаѓа од универзитетската болница во Марибор. Филипче потврди дека на Клиниката за онкологија, има осум позитивни вработени и уште 20 што биле во контакт со нив се во изолација. За таа цел се подготвува реорганизација, ќе има нов распоред за делење на терапија за пациенти во Штип и во Тетово, како најголеми центри, за да не патуваат до Скопје.

Што се однесува за граѓаните кои имаат потреба од итна стоматолошка услуга Стоматолошката клиника е отворена 24 часа. Таму има дежурна екипа, и донесена е одлука секој пациент кој има итна потреба мора да биде примен во ординацијата.

– Секој пациент кој има итна потреба мора да биде примен во ординација и таа да биде санирана. Не да се дадат лекови туку да се направи стоматолошка интервенција. Во еден момент на почетокот на овој проблем со поголем број на пациенти, согласно барањето на стоматолозите поради тоа што тие се една од најизложените струки за пренос на вирусот, поради тоа што се работи во оралната празнина, ги донесовме овие мерки. Меѓутоа планираме како следни чекори, како дел од Комисијата за заразни болести да се модифицира и оваа мерка, рече Филипче.

Министерот досега немам информации дека некој од Македонската православна црква или од Исламската верска заедница е заболен од ковид-19.

– Имаше информации за манастирот Бигорски, меѓутоа уште во времето кога се воведе кризната состојба во Дебар, тогаш веќе имаа неколку луѓе кои имаа горнореспираторни симптоми од манастирот, пративме екипа, се направи тестирање на тие на кои беше индицирано и кај никого не беше дијагностициран ковид вирусот. Од тогаш конкретна информација за некоја од овие институции, јас лично немам, појасни Филипче.