Бектеши: Ако има нови ковид мерки, ќе има и додатна поддршка

9

Ако со нови рестритивни мерки поради пандемијата со коронавирусот има скратување на работата на некои дејности, тогаш сигурно дека ќе има дополнителна поддршка за нив, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши и додаде дека така се постапувало и во изминатиот период откако е почната пандемијата и така ќе се постапува и понатаму додека трае кризата.

„Туристичко-угостителскиот сектор кој што е најпогоден од пандемијата доби и најголема поддршка преку владините мерки, а наскоро ќе биде објавен огласот за ваучери за поддршка на домашниот туризам. Јавните повици за оваа мерка се подготвени и ќе се објават некаде кон почетокот на месец април, но тоа нема да биде единствената помош за туристичкиот сектор. Значи, се реализира целата програма за развој на туризмот во рамките на секторот за туризам во Министерството за економија“, изјави Бектеши во интервју за ТВ Алсат.

Тој додаде дека „ако се случи и оваа летна сезона да биде изгубена поради пандемијата, токму за овој сектор ќе има и дополнителна помош“.