Бектеши: Дискотеката „Привилиџ“ нема лиценца за работа

10

Министерот за економија, Крешник Бектеши, за „Слободен печат“ потврди дека дискотеката „Привилиџ“, пред која беше убиен хрватскиот ракометар Денис Тот, немала лиценца за работа.

„Државниот пазарен инспекторат може да излезе на терен и да провери околу ова“, додаде Бектеши.

Од државниот пазарен инспекторат за „Слободен печат“ најавија дека повторно ќе постапат за овој ноќен клуб, иако и претходно постапувале.

Пред ноќниот клуб „Привилиџ“, минатата недела до смрт претепан беше ракометарот Денис Тот. За неговото убиство, се товарат три лица, од кои две се во триесетдневен притвор. Првоосомничениот Анџело Ѓоргиевски е во бегство и истражните органи петти ден не откриваат дали ја напуштил државата или е во земјава.

Основното јавно обвинителство за „Слободен печат“ тврди дека чека информација од МВР дали Ѓоргиевски е во Македонија, по што, доколку не е, за него ќе биде распишана покрај централната – и меѓународна потерница.

Денеска во 15 часот ќе биде погребан ракометарот.