Белата куќа ќе дејствува со „добра волја“ во врска со истрагата за доверливите документи на Бајден

4

 

Белата куќа синоќа соопшти дека ќе дејствува со „добра волја“ во врска со истрагите на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом за несоодветното чување на доверливите документи во домот и канцеларијата во невладиниот тинк-тенк на претседателот Џо Бајден.

Советник на претседателот за време на викендот изјави дека уште пет доверливи страници биле пронајдени во домот на претседателот во градпт Вилмингтон, во сојузната држава Делавер, и потврдил дека тие веднаш биле предадени на Министерството за правда.

Соработниците на претседателот претходно пронајдоа нов куп доверливи документи во неговата резиденција и во тинк-тенкот во Вашингтон каде што имаше канцеларија додека беше потпретседател во администрацијата на Барак Обама.

Јавниот обвинител Мерик Гарланд назначи специјален истражител за случајот.

Портпаролот на Белата куќа, Иан Самс, изјави дека редовното јавно обелоденување на детали за случајот во време на истрагата на Министерството за правда претставува ризик информациите, кои повремено се објавуваат, да бидат нецелосни.

-Разбираме дека постои тензија помеѓу потребата за соработка во тековната истрага на Министерството за правда и легитимните барања за дополнителни информации од јавен карактер, така што се обидуваме да го најдеме балансот, рече Самс.

Портпаролот откри дека Белата куќа примила „неколку писма“ од Надзорната комисија на Претставничкиот дом за овој случај, ги разгледува и ќе одлучи за нејзиниот одговор во наредниот период.

Министерството за правда одделно го истражува откривањето на високо чувствителни доверливи документи кои поранешниот претседател Доналд Трамп ги чувал во неговото одморалиште на Флорида откако ја напушти Белата куќа во јануари 2021 година.

Самс ги критикуваше републиканците за различните реакции на најавите за Трамп и Бајден.

-Тоа се истите републиканци кои не се огласија за начинот на кој Трамп ракувал со доверливите материјали, рече Семс. „А, ако навистина и се јавија, тогаш тие често го бранеа тоа“, додаде тој.