Белоруската полиција уби најмалку еден демонстрант во насилните протести (ВИДЕО)

48

Најмалку едно лице е убиено, а десетици се повредени додека белоруската полиција насилно ги задуши протестите што избувнаа во поголемите градови по изборите во кои, победи Александар Лукашенко .

Според локалните организации за човекови права, едно лице го загуби животот, откако беше прегазено од полициско комбе, а десетици се повредени во судирите со полицијата по претседателските избори, соопшти денеска портпаролот на организацијата Пролет 96.

Повеќе од 50 лица се приведени во Минск, а повеќе од 120 луѓе низ целата земја, соопшти организацијата за човекови права Вијасна.

Некои приврзаници на белорускиот опозициски кандидат Светлана Тихановскаја неофицијално ја прославија нејзината изборна победа во Минск во раните утрински часови.

Тихановскаја одби да го прифати поразот, бидејќи државните медиуми објавија дека Лукашенко се смета дека освоил повеќе од три четвртини од гласовите, а според независните анкети, таа водела.

Додека десетици илјади луѓе протестираа во главниот град, како и во другите градови, Тихановскаја повика на мир и побара од безбедносните сили да се воздржат од насилство.

„Сакам да ги потсетам полицијата и војската дека тие се дел од нашата јавност“, рече таа.

„Знам дека белорускиот народ ќе се разбуди утре во нова земја“, рече Тихановскаја.

Групата за човекови права на Амнести Интернешнл твита утрово дека нејзиниот персонал сведочел дека „6 шок бомби и неколку куршуми биле испукани“ кон толпата собрана во Минск.

Покрај тоа, „најмалку шест амбулантни возила се движеа зад полициските линии додека се слушаа сирените“, рекоа тие.

Државните медиуми подоцна објавија дека ситуацијата е под контрола и дека кризниот штаб се состанал во Министерството за внатрешни работи.

Лукашенко (65) ја водеше четврт век поранешната советска република.

Излезните анкети објавени од белоруските државни медиуми покажаа дека Лукашенко победил со околу 80 проценти од гласовите, а портпаролката на Тихановскаја, Ана Касулина, за ДПА изјави дека резултатот е „далеку од каква било реалност“.

Државната изборна комисија денеска објави дека според првичните резултати, Лукашенко освоил 80,23 отсто од гласовите, а неговиот противкандидат 9,9 отсто.

Претседателот на изборната комисија, Лидија Јермошина, објави дека преостанатите кандидати освоиле помалку од два проценти од гласовите и дека излезноста била 84 проценти.

Во руската престолнина, Москва, стотици противници на Лукашенко се собраа пред белоруската амбасада на спонтан протест на кој толпата извикуваше: „Оди си!“

Независните анкети покажуваат дека Тихановскаја добила 71 процент од гласовите, додека Лукашенко добил само 10 проценти.

Досега, ниту една од податоците на страните не може да биде независно потврдена.

Изборите не беа набљудувани од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), бидејќи не добиле навреме покана.