Берлин: Путин има гас, но ние имаме моќ

0

Русија од вчера драматично ги намали испораките на гас во Европската Унија. Ова се случува само шест дена откако го продолжи снабдувањето наводно прекинато поради ремонт на гасоводот Северен тек.

„Ситуацијата е сериозна и тоа сега треба да им биде јасно на сите“, изјави германскиот министер за стопанство Роберт Хабек.

Германија, додаде тој, мора да го намали трошењето на гас и на тоа доследно да работи.

„Земјата мора да се обедини и да каже – точно е, Путин има гас, но ние имаме моќ“, кажа Хабек.

Газпром претходно соопшти дека испораките кои до сега беа на 40 отсто од капацитетот ќе ги намали на најмногу 20 отсто. Така преку Северен тек, најважниот гасовод за Германија, дневно ќе пристигнуваат само 33 милиони кубни метри гас.

Хабек најави дека гас ќе доаѓа од Холандија и Норвешка.

„Сега сè ќе зависи од тоа колку ќе штедиме“, додаде тој зборувајќи за можните сценарија за зимата. Ако настапи недостиг од гас, прва рестрикции ќе трпи индустријата, пред приватните домаќинства и важните установи, како болниците.

„Нормално е дека сум многу загрижен дека тоа може да се случи“, кажа германскиот министер.

Некои производни ланци во Германија и ЕУ можеби ќе се прекинат.

„Тоа со сите сили сакаме да го избегнеме“, кажа Хабек објаснувајќи дека потрошувачката на гас во Германија мора да падне за 15 до 20 отсто.