Бесплатен концерт на Четкар во Охрид

6

Џез музичарот Владимир Четкар ќе одржи бесплатен концерт во родниот Охрид. Настанот ќе се случува на градскиот плоштад во сабота, со почеток од 13 часот и е во организација на Општина Охрид, како дел од програмата ,,Охрид ве очекува”.

Тој ќе настапи со својот џез, соул и фанк ансамбл, односно Ѓоле Максимовски – бас гитара, Сара Николовска и Ана Костадиновска – придружни вокали, Филип Стевановски – тромбон, Виктор Филиповски – тапани, Демир Кантуровски – труба, Игор Величковски – саксофон, Ратко Даутовски – прекусии и Филип Димисковски – клавијатури.

Четкар долги години наназад живее во Њујорк, САД, и настапува во светски познати џез клубови.

На неговите настапи често можат да се забележат поранешниот претседател Ѓорге Иванов и неговиот син Иван, кои се големи љубители на музиката на охриѓанецот.

Пред околу четири години замина на голема Азиска турнеја низ Хонг Конг, Кина, Јужна Кореа и Сеул, а истата беше поддржана од Министерството за култура.

Чест гостин е на музички настани ширум светот, а пред неколку години, за време на настап на фестивалот Мумбаи Муд Индиго во Индија, бил претставен како втор Македонец по Александар Македонски, кој ја освоил Индија, но со музика.