Бизнисменот Главчев емотивно сведочеше, но не обвини за рекет: Со Јанева сум скаран, а Боки 13 е интересантна фигурица

15

Бизнисменот Томе Главчев, сопственик на компанијата „Ноел“, на стартот на судењето за случајот „Рекет“, одговарајќи на прашањето дали е сроден или скаран со некој од обвинетите рече: „Да, скаран сум со Катица Јанева“, по што присутната јавност се изнасмеа. Тој раскажа дека е осомничен во истрагата „Поштенска банка“ на СЈО.

-Тоа што се случуваше во СЈО беше голема траума, изживување, и не би зборувал за деталите. Прв пат кога ме повикаа ми кажаа дека сум сведок, а на 19 јуни 2018 година ми кажаа дека ќе бидам осомничен, па пак ме повикаа да дадам исказ. Адвокатот не советуваше да не давам друга изјава, бидејќи станува збор за неовластен тужител – рече сведокот.

Тој, со долги паузи и длабоки воздишки продолжи да сведочи, а доби и вода од судот.

-На 13 октомври влегоа во мојот дом, вооружени со шмајзери, за да ми вршат претрес – рече бизнисменот.

Тој неколку пати повтори дека за него тоа било многу стресна ситуација.

-Потоа вие ме повикавте – и рече сведокот на обвинителката Вилма Русковска.

Таа го праша сведокот зошто кажал дека бил скаран со Јанева, но прашањето не беше дозволено по приговор на адвокатите на Јанева.

Главчев кажа дека се рекламирал во 1 ТВ, и ќе раскаже зошто се рекламирал, кога веќе не му било дозволено да каже зошто бил скаран со обвинителката Јанева.

-Конфекцијата моја е позната по производство на машка кошула, па затоа сакавме исфорсирано да се рекламираме и за женската кошула. Имав контакт со неколку телевизии, а се слушнав и со Бојан Јовановски. Пресметките ми беа да потрошам до 50.000 евра на годишно ниво. Разговорите на почетокот беа успешни, а по моето приведување првичната цена рипна. Требаше да платам 100.000 евра. Договорот е потпишан на 20 октомври 2018 година. Го прифатив, условите беа прифатливи и бевме задоволни – рече Главчев.

Тој во своето сведочење не обвини за рекет, туку се жалеше на односот кој го добивал во СЈО. Главчев додаде дека Боки се интересирал за неговата конфекција, па и по негов вкус му биле изработени неколку темни кошули.

-Тој е една интересантна фигурица – рече сведокот.

Тој призна дека самиот го прашал Јовановски дали знае нешто за неговиот случај во СЈО.

– Бидејќи видов негови слики со Јанева го прашав дали знае нешто за мојот случај и тој рече дека таму сум колетерална штета, но не побара ништо – рече Главчев.