Бизнисменот Кочан одлежа половина од казната, сега бара помилување од Пендаровски

11

Бизнисменот Сеад Кочан во затворот „Идризово“ издржа речиси половина од казната, која му беше изречена за предметот „Труст“ на СЈО. Тој со првостепена пресуда беше осуден на 6-годишна казна, но Апелација му ја намали казната на 4 години и 8 месеци.

Кочан веќе две години и еден месец е зад решетки, бидејќи во „Идризово“ влезе во 1 август 2019 година, а неодамна до Министерството за правда поднел барање за помилување. По барањето се уште не е одлучено, односно министерот Бојан Маричиќ се уште не дал предлог. Покрај неговиот став, сепак последниот збор ќе го има претседателот Стево Пендаровски.

Поточно, според Законот за помилување, постапката за помилување е следна. Осуденикот најпрвин поднесува молба до судот којшто ја донел првостепената судска одлука. Молбата, заедно со потребната документација, судот ја доставува до Министерството за правда.

Откако министерот за правда, во случајот Маричиќ, ќе ја разгледа молбата, со свој предлог, ќе ја испрати до претседателот Стево Пендаровски. Случајот тогаш го превзема Комисијата за помилување на претседателот, која носи мислење и истото го доставува до претседателот.

Врз основа на мислењето на Комисијата, како и врз основа на предлогот на министерот за правда, претседателот Пендаровски ќе ја донесе конечната одлука, односно дали ќе го помилува Кочан и ќе му дозволи предвреме да излезе на слобода.

Управителот на компанијата „Трансмет“, Сеад Кочан беше осуден бидејќи со лажни документи учестувал и добил тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра.