Бил Гејтс даде прогноза кога ќе заврши пандемијата на коронавирусот

9

Основачот на Мајкрософт Бил Гејтс ја оцени омикрон варијантата на коронавирусот за „загрижувачка”, но додаде дека „акутната” фаза на пандемијата на коронавирус ќе заврши во 2022 година.

„Можеби е глупаво повторно да ги предвидувам работите, но мислам дека акутната фаза на пандемијата ќе заврши во некој момент во 2022 година. Се надевам дека во иднина за вирусот ќе размислувате еднаш годишно – наесен додека примате заедничка вакцина против грип и коронавирус“, напиша Гејтс на својот блог, пишува Раша Тудеј.

Фармацевтските компании и низ историјата имале големи проблеми со продажбата на своите вакцини против грип, поради нивната релативно ниска стапка на ефикасност, како и поради фактот што научниците треба да предвидат кој сој на вирусот ќе биде превалентен во одредена година.

Сепак, Бил Гејтс е оптимист во однос на терапијата и истакнува дека фармацевтскиот гигант Мерк неодамна доби одобрение од ФДА за својот антивирусен лек молнупиравир, наменет за лица со висок ризик од тешка слика на корона. Оваа пилула „значително ги намалува шансите за хоспитализација или смрт од ковид“, напиша тој.

Тој призна дека и покрај примената на вакцините против корона, годинава од ковид починале повеќе луѓе отколку минатата година, и додаде дека подобрувањето оваа година не било „драматично“, како што се надевал.

Инаку, богатството на Гејтс за време на пандемијата се зголеми на 137 милијарди долари, а тој моментално е четвртиот најбогат човек во светот.

Милијардерот во обид да го премости јазот меѓу себе и читателите на блогот напиша дека 2021 година била „најнеобичната и најтешката година во неговиот живот“, додека „се сомнева дека многу луѓе кои го читаат ова би можеле да кажат истото“.

Тој се осврна и на појавата на сојот омикрон за кој рече дека е „загрижувачки“, но нагласи дека „светот е подобро подготвен да се бори против потенцијално опасните варијанти“ отколку што бил.

Гејтс повеќе пати се жалеше на нееднаквата дистрибуција на вакцините во светот, што го оцени како „најголемо разочарување“ за него, велејќи дека „нема смисла“ да се вакцинираат лица со низок ризик пред постарите и ранливите популации во посиромашните земји.