Битиќи: Животниот стандард на работниците за нас е на прво место

6

 

Ги поддржуваме компаниите за да генерираат нови работни места и подобро платени работни места. Не правиме компромис меѓу бизнисот и работниците. Ние сме социјалдемократска Влада и за нас животниот стандард на работниците е на прво место, порачува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во интервју.

Во изминатите три години, како што посочува вицепремиерот во интервју за Фронтлајн, биле поддржани околу 600 домашни и странски компании.

-Се сеќавате ли дека до пред само шест години, до 2016 година имаше роуд шоуа низ целиот свет (од Владата на Груевски), а само вкупно 15 беа донесени во државата, но за тоа беа потрошени 250 милиони евра. Ние со нула трошоци за промоција, во овој момент имаме 630 компании кои ги поддржуваме, 97 проценти македонски и 3 проценти странски. Така се сака татковината, тоа е она што треба да го прави една власт, вели вицепремиерот Битиќи.

Тој истакнува дека е испорачано ветеното зголемување на минималната плата, која, посочува дека во 2024 година ќе биде поголема и ќе биде 20.000 денари.

-Просечната плата уште сега е 33.200 денари, една година и половина пред завршувањето на мандатот и порано од ветеното, зголемени пензии за десет проценти за една година и уште 6-7 во наредната година во март, и она што досега не сме го објавиле е дека над 35.000 пензионери ги извлековме од прагот на сиромаштија и добиваат пензии повисоки од 14.000 денари и сето тоа за една година. Е тоа е успех, вели Битиќи.

Потсетува и дека Владата обезбеди струја и покрај енергетска криза и наспроти сите сомнежи дека ќе нема да можат да испорачаат.

-Осигуравме електрична енергија, осигуравме топлинска енергија за цел град Скопје, не дозволувајќи граѓаните да останат со студени радијатори. И она што е многу важно, им го олеснивме на сите граѓани товарот на скапата струја да не падне врз нив, туку ги субвенционираме. Секој граѓанин во државата, еден милион осумстотини триесет и шест илјади попишани наши сограѓани добиваат по 6.800 денари за 2022 година или по 21.000 по семејство субвенционирана струја. Некој ќе рече зошто не е по 1.000 евра, затоа што таква е нашата структура, толку е нашиот фискален капацитет, вели Битиќи.