Битиќи од Брисел: Го отвораме билатералниот скрининг за Внатрешен пазар, еден од најважните, бидејќи на него се темели договорот за воспоставување на ЕУ

3

 

Во својство на вицепремиер на земја-кандидат која веќе ги започна преговорите со Европската Унија, сакам да ве уверам дека правиме се од себе да ги исполниме сите неопходни критериуми дадени од Европската Унија во однос на сите 33 поглавја, изјави денеска во Брисел, вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во своето обраќање на отворањето на билатералниот дијалог за Кластер – Внатрешен пазар.

Како што соопшти владината прес-служба, по интензивните подготовки во изминативе три месеци, Северна Македонија го започна билатералниот скрининг за Поглавје 3 – Право на основање и слобода на давање на услуги, од Кластерот 2 – Внатрешен Пазар. Пред претставниците на DG NEAR (Генерален директорат за соседство и политика на проширување): Винсент Реј – заменик главен преговарач од страна на ЕУ, Алберто Камарата – заменик раководител на одделението за Северна Македонија; Бригита Сабалиаускаите и Франческа Порчели од одделението за Северна Македонија, ги презентираме одговорите на прашалниците поврзани со степенот на транспонирање на ЕУ законодавството и неговата имплементација во Северна Македонија.

Битиќи истакна дека од основањето на Европската економска заедница во 1957 година, а потоа и преку усвојувањето на Договорот од Мастрихт во 1992 година и Договорот од Амстердам во 1997 година, кога беше воведена Шенген зоната и финализиран со Договорот од Лисабон во 2009 година, внатрешниот пазар е еден од најважните аспекти на функционирањето на Европската Унија (ЕУ).

Битиќи рече дека му претставува голема чест да зборува на почетокот на билатералниот скрининг на Северна Македонија од страна на претставници на Европската комисија и другите институции на ЕУ за Кластер 2 – Внатрешен пазар.

-По одлуката на Европскиот совет да ги започне преговорите за членство со Северна Македонија во 2020 година и по првата Меѓувладина конференција минатото лето, конечно го започнавме преговарачкиот процес. Нашата Влада и администрација не седеа со скрстени раце чекајќи да започне процесот. Од денот кога добивме кандидатски статус во 2004 година, бевме силно посветени на транспонирање на правото на ЕУ (EU acquis) и другите релевантни регулативи, а во текот на изминатите неколку години бевме и се уште сме силно посветени на забрзување на сите процеси за што побрзо да станеме земја членка на ЕУ, рече Битиќи.

Пред присутните вицепремиерот истакна дека во последниот извештај на Европската комисија (ЕК), во повеќето поглавја од Кластер 2, Северна Македонија е умерено подготвена и дека во изминатите години бележи ограничен напредок.

Битиќи ги увери соговорниците од Брисел дека Северна Македонија ќе се потруди да ги исполни сите критериуми што ги бара земјата во 33-те поглавја организирани во 6 Кластери, како и трите дополнителни области според новата методологија.

-Посветени сме и работиме напорно на секоја препорака што беше истакната во последниот извештај на ЕУ. Со гордост можам да истакнам дека по повеќе од две години консултации со релевантните актери, ние сме во завршна фаза на креирање на нов системски Знакон за работни односи, во чии рамки ќе се решат повеќето прашања од Поглавјето 2, како слобода на движење на работниците. Направивме голем чекор и во реорганизацијата на националните институции, со што ќе почнеме да ја оптимизираме целата административна структура. Со ова многу добро разбираме дека не треба да се намалуваат, туку да се зголемат човечките капацитети, особено во институциите кои го регулираат слободното движење на стоки и ова ќе биде чекор кон исполнување на препораките од првото поглавје, слободно движење на стоки. Со донесување на целосно нов Закон за работни односи, кој беше споменат погоре, како и со веќе дефинираниот предлог за измени на Законот за поштенски услуги, ќе адресираме и дел од препораките во Поглавје 3, Право на основање и слобода на давање услуги, изјави Битиќи.

Во својот говор во Брисел, тој подвлече дека работиме и на спроведување на најновата регулатива за системи за плаќања и услуги за кои ќе се подготви Водич за спроведување на правилата на ЕУ за движење на капитал, вклучувајќи го тука и земјоделското земјиште, кое е во Поглавје 4, слободното движење на капиталот.

Во Поглавје 6, кое се однесува на Законот за трговски друштва, земјата е добро подготвена, бидејќи веќе е донесен новиот Закон за сметководство и ќе продолжиме да работиме на усогласување во сферата на сметководството и ревизијата.

Во однос на поглавје 7 – Право на интелектуална сопственост работиме на усогласување на законодавството преку усвојување на Стратегијата за интелектуална сопственост која ќе биде составен дел на Националната Развојна Стратегија 2022-2042, земајќи ги предвид препораките кои произлегуваат од Поглавјето 7.