Битиќи: Продолжуваме со поддршка на домашната економија

2

Во пресрет на новогодинешните празници и заокружување на календарската 2021 година, Вицепремиерот Битиќи направи ретроспектива и ги презентираше неколкуте поважни програми на Владата и другите органи на државната управа со кои, во оваа година, успеале да го поддржат домашното стопанство.

„Би сакал да истакнам дека во оваа година, кон стопанството, во форма на директна државна помош, од страна на буџетот, преку Законот за контрола на државна помош од Владата и од ДТИРЗ се исплатени 19,5 милиони евра, преку инструментите на ФИТР исплатени се вкупно 16 милиони евра, додека за мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции исплатени се 13 милиони евра. Вкупно преку овие мерки за поддршка, само во 2021 година, македонското стопанство е подржано со 48,5 милиони евра. Да посочам дека само овие денови кон стопанството се вбризгани 16,8 милиони евра”,изјави Битиќи.

Тој се осврна и на договорите по Законот за финансиска поддршка на инвестиции, кои се дел од портфолиот на неговиот Кабинет. Преку овој Закон во изминатите четири години, колку што се спроведува оваа мерка, склучени се договори за поддршка со 353 компании.

„Оваа година пристигнаа барања за исплати од 225 компании, пришто е исплатена поддршка од 800 милиони денари или околу 13 милиони евра. Овие компании, само во 2020 година, која да не заборавиме е пандемиска година, имаат реализирано инвестиции од над 70 милиони евра. И во оваа, како и во претходната година, кон компаниите државната помош ќе биде исплатена 100%. Само за рамномерен регионален развој, оваа година компаниите ќе добијат поддршка во вкупен износ од 91,6 милиони денари, односно 1,5 милиони евра што изнесува 11,5 % од вкупната исплатена поддршка”, изјави Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека сите горенаведени форми на поддршка се уште еден силен доказ дека оваа Влада, како ниедна претходна, е посветена за поддршка на стопанството во насока на рамномерен регионален и забрзан технолошки развој, внесување на иновации и дигитализирање на процесите, што придонесува за поголема продуктивност и конкурентност на компаниите на домашниот и на меѓународните пазари.

Битиќи истакна дека во услови на најголема криза, во 2020 година, за поголема конкурентност на компаниите, обезбедивле директна поддршка од 17,5 милиони евра, со кои поддржале развојни проекти на точно 400 компании. Воедно, редовно ги сервисирале и договорите кои ги имаат со 35 компании кои работат во Технолошко-индустриските развојни зони и надвор од нив.

Додаде дека оваа година започнале и со креирање на првиот Дигитален AI Асистент за државна помош. Овој асистент ќе се базира на вештачка интелигенција, ќе ги прави достапни сите информации, повици, процедури за добивање на државна помош, а во следна фаза и ќе комуницира дел од грижата за корисници за оние кои веќе ја добиваат. Асистентот ќе зборува на три јазици: македонски, албански и англиски.

„Веќе сме на крајот на оваа 2021 година и во неа надминавме бројни искушенија и предизвици, научивме многу, но пред се да бидеме прагматични, да си помагаме и соработуваме и најважно, да го задржиме оптимизмот”, изјави Битиќи