Битиќи со германските компании: Нудиме поволно деловно опкружување, стратешки предности и силна владина поддршка

2

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска оствари средба со делегација на германски компании кои престојуваат во Северна Македонија, на која ги споделил деловните можности посебно во однос на поддршката за инвестиции.

На средбата, како што соопштија од владината прес-служба, тој ги истакнал клучните фактори кои ја прават Северна Македонија атрактивна дестинација за нивните инвестиции.

Северна Македонија има стратешка локација, сместена на раскрсницата на паневропските транспортни коридори VIII и X, и нуди поволна локација привлекување на ланецот на набавки во европскиот континент наречен неаршоринг (near-shoring). Со воспоставување на производство блиску до европските центри за потрошувачка, германските компаниите можат да ја максимизираат ефикасноста и ефективноста на нивните бизнис процеси, порачал вицепремиерот Битиќи.

Меѓу другото, Битиќи ги информирал германските компании дека Северна Македонија е потписник на мултилатерални конвенции и има склучено бројни билатерални договори за заштита на инвестициите, што за странските инвеститори значи заштита преку институции како што е Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови (ICSID).

Вицепремиерот Битиќи се осврнал и на финансиската поддршка на Владата, која во прво место е предвидлива и дека сите постапки се транспарентни со цел да создадат еднакви услови и за домашните и за странските инвеститори.

– Поддршката е дизајнирана да постигне неколку цели, вклучително и создавање на подобро платени работни места, поттикнување соработка меѓу компаниите и промовирање технолошки развој и иновации, рекол Битиќи, кој ги зпаознал германските компании и со дигиталниот асистент во јавниот сектор, АДА, прв во регионот и пошироко базиран на вештачка интелигенција кој стои на располагање на компаниите да добијат целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и за државната помош која се нуди за инвестициите, без разлика дали се тоа домашни или странски компании.

Како заклучок, вицепремиерот Битиќи потенцирал дека Северна Македонија е подготвена да ги пречека и поддржи германските компании во нивниот стремеж за раст и успех, и дека земјата нуди поволно деловно опкружување, стратешки предности и силна владина поддршка.

– Заедно, дозволете ни да создадеме силни партнерства и да го отклучиме огромниот потенцијал што лежи во нашата соработка, заклучил Битиќи, стои во соопштението од Владата.

Предводникот на германската делегација, Ханс-Јоаким Баумлер, од консултантската компанија Интегра, се заблагодарил за приемот и укажаното внимание од страна на вицепремиерот Битиќи.

Тој истакнал дека успешноста на германските компании кои делуваат во Северна Македонија претставува силен мотив за другите компании да го следат нивниот пример и да инвестираат во земјава, која според него нуди добра бизнис клима за понатамошно развивање на трговската размена помеѓу Германија и Северна Македонија.

Инаку, се посочува во соопштението од владината прес-служба, Германија е исклучително важен економски партнер и главен извозен пазар на Република Северна Македонија. Повеќе од 200 компании со германски капитал работат во Северна Македонија, кои вработуваат околу 20.000 луѓе.