Битка без ѕвезди: Милвоки трет пат ги приземји „јастребите“ и е на чекор до финале (ВИДЕО)

9

Кошаркарите на Милвоки бакс се на чекор до пласман во големото финале од плејофот во НБА, откако ноќеска ја добија петтата источна финална пресметка против Атланта (123-112) во меч во кој двата тима настапија без своите најголеми ѕвезди, Јанис Адетокумпо односно Тре Јанг поради повреди.

Јунак на вечерта беше Брук Лопез, кој ги предводеше „елените“ кон посакуваниот успех, со што тропнаа на вратата од „собата“ во која не биле уште од 1974 година. Центарот на Милвоки средбата ја заврши со 33 поени, што е негов личен плејоф-рекорд, додека уште тројца негови соиграчи ја минаа границата од 20 поени, што е прво вакво остварување во клупската историја по 1988 година. Џру Холидеј реализира 25 поени, а имаше и 13 асистенции, Крис Мидлтон постигна 26 поени и 13 скока, додека Боби Портис постави личен плејоф-рекорд со 22 поени. Единствена светла точка кај Атланта беше Богдан Богдановиќ со 28 поени.

Бакси првата меч-топка во серијата ќе ја имаат во недела и тоа на теренот на противникот.