Би-би-си: Британија е најтешко погодена од сите земји од групата Г7

Британија е меѓу најтешкито погодените држави во Групата на седумте индустриски најразвиени земји, оценува Би-би-си во анализа по првиот бран на пандемијата.

21

Анализата покажала дека Англија минала најлошо во цела Европа, полошо дури и од Шпанија. Истражувањето ги споредувало периодите од 11 недели за секоја членка од Г7 додека пандемијата го достигнуваше својот врв. Исто така, во анализата на смртните случаи и вишокот смртни случаи од коронавирусот, Британија минала најлошо, полошо дури и од САД, Германија, Франција, Италија, Канада и Јапонија.

Во посебна анализа на европските држави, економистите на Универзитетот во Оксфорд дошле до резултат дека Англија за малку ја поминала Шпанија по процентот на смртни случаи и процентот кој се очекувал без пандемијата на коронавирусот.

Како влијанието на првиот бран станува јасно во многу земји, сега е можно да се почнат првичните споредби меѓу земјите со слични карактеристики, пишува Би-би-си.

Според сите три мерени фактори на земјите од Г7 – смртните случаи од ковид-19 на 100.000 луѓе, вишокот смртни случаи на 100.000 луѓе и вишокот смртни случаи во однос на вообичаеното ниво на смртни случаи – Британија била најтешко погодена. Од земјите од Г7, Германија, Канада и Јапонија имале релативно мал број смртни случаи поврзани со коронавирусот.

Британија забележала 65 смртни случаи од болеста ковид-19 на 100.000 луѓе во споредба со 58 во Италија, 44 во Франција и 38 во Соединетите Држави.

Користејќи го статистичкиот податок „вишок на умрени“, бројот на умрени над просекот на 100.000 жители, ситуацијата е ваква: Британија бележела 97 повеќе умрени од просекот, Италија 75, додека зад неа следи Франција, па САД. Канада, Германија и Јапонија имаат релативно мали бројки на „вишокот на умрени“.

Процентот на вишокот на смртните случаи во однос на вообичаените смртни случау кои помагаат во пресметувањето на старосните разлики во населението, покажуваат дека Британија имала 52 отсто, Италија 35 и Франција 24 отсто пред САД.

Сите методи ја покажуваат главно истата слика – Британија е најтешко погодена, иако бројките за САД би можеле да почнат да се менуваат кога случаи повторно ќе почнат да растат.