Би-би-си: Војната за Тајван никогаш не била поверојатна

7

Дописникот на Би-би-си од Кина Стивен Мекдонел објави интересна анализа на ескалацијата на конфликтот меѓу Кина и САД поради посетата на Ненси Пелоси на Тајван.

Проблемот со ескалацијата е што за двете страни е тешко да се повлечат. Сега кога претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес успеа да го посети Тајван, што ја прави највисоко рангирана американска функционерка која тоа го направила во 25 години, нема ли други да посакаат тоа да го направат во иднина?

Сега кога Кина почна голема воена вежба со боева муниција толку блиску до Тајван, зошто не би го повторила тоа? Секогаш кога кинески борбени авиони прелетуваат блиску до Тајван во сè поголем број, се поставува нов стандард на „нормалност“. Ако следниот пат кинеските авиони не летаат толку блиску, каква порака испраќа Пекинг?

Не толку одамна, кинескиот план за Тајван вклучуваше ангажман. Млади луѓе од Кина патуваа низ Тајван, островот кој Кина го смета за своја територија. Бизнисите од Тајван отвораа подружници низ Кина.

Но, кинескиот пристап кон Тајван под претседателот Си Џинпинг стана уште по злонамерен. Врз Тајпеј се врши многу поголем притисок, пишува дописникот на Би-би-си.

Оние со милитаристички тенденции во високите ешалони на кинеската Комунистичка партија сигурно тајно ја поздравија посетата на Ненси Пелоси на Тајван. Таа им овозможи заострување на односите и воени игри околу Тајван како подготовка, според нивното мислење, за неизбежното пристигнување на денот кога Кина со сила ќе го заземе островот.

Најголемиот предизвик за регионалната стабилност е фактот што јавната позиција на сите клучни актери за Тајван е смешна. Речиси како да станува збор за голема игра во која сите се глумат, но тој привид станува сè потешко да се одржи.

Кина глуми дека Тајван и понатаму е дел од нејзината територија, иако островот самиот собира свои даноци, гласа за сопствена влада, издава сопствени пасоши и има сопствена војска. Америка глуми дека не го третира Тајван како независна земја, иако му продава напредно оружје и повремено испраќа свои високи функционери во посети кои поприлично изгледаат како официјални.

Сè поочигледно е дека не треба многу за оваа површна претстава, осмислена да го гарантира статусот кво, целосно да се распадне. Опасноста за свето лежи во тоа што во Пекинг има луѓе кои сакаат токму тоа да се случи, пишува Би-би-си.

Кинеската Комунистичка партија со децении преку строго контролирани медиуми шири слична реторика за Тајван, но идејата за војна чија цел е освојување на островот никогаш не била реална. Тоа повеќе не е така, истакнува Мекдонел.

Меѓу соговорниците на Би-би-си присутно е уверувањето дека Си сака да го заземе Тајван во својот мандат, што би му донело статус на бесмртен, односно лидер кој успеал да ја обедини татковината.

Хонг Конг, градот кој со децении претставуваше проблем за Кина, веќе го стави под контрола на Пекинг и тоа побрзо отколку што многумина очекуваа. За неколку месеци Си треба да влезе во историскиот трет мандат. Тоа би можело малку да го намали притисокот, наведува Мекдонел.

Сега кога може да остане на власт колку што сака, за разлика од претходните лидери како Мао Це Тунг кој беше ограничен на само два мандати, Си веројатно нема да чувствува притисок што побрзо да го нападне Тајван.

Но, факт е дека со секој ден сме сè поблиску до тоа, а сè подалеку од мирот, се заклучува во анализата на Би-би-си.