Богатите Руси бегаат во Дубаи за да избегнат санкции

3

Дубаи станува рај за богатите Руси кои бегаат од западните санкции поради војната во Украина. Руски милијардери и претприемачи пристигнуваат во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во невиден број, пишува Би-Би-Си. Купувањето имот во Дубаи од страна на Русите се зголеми за 67 отсто во првите три месеци од 2022 година.

ОАЕ не воведоа санкции кон Русија ниту ја критикуваа нејзината инвазија на Украина. Исто така, обезбедуваат визи за Русите кои не се санкционирани, додека многу западни земји ги ограничија. Се проценува дека стотици илјади луѓе ја напуштиле Русија во последните два месеци – иако точните бројки не се достапни.

Руски извори велат дека дури 200.000 Руси заминале во првите 10 дена по почетокот на војната.Фирмата Virtuzone, која им помага на компаниите да започнат операции во Дубаи, јавува за огромен наплив на руски клиенти.

„Добивме пет пати повеќе барања од Русите од почетокот на војната“, рече извршниот директор Џорџ Хоџиге. „Тие се загрижени за економскиот колапс што доаѓа. Затоа се селат овде за да го обезбедат своето богатство“, додаде тој.

Приливот на руски државјани ја засили побарувачката за луксузни вили и апартмани низ Дубаи. Агентите за недвижности известуваат за пораст на цените на имотот, бидејќи Русите кои пристигнуваат во Дубаи бараат да купат домови.

Агенцијата за недвижности Betterhomes со седиште во Дубаи откри дека купувањата на имот од Руси се зголемени за две третини во првите три месеци од 2022 година.

И друга агенција за недвижности, Modern Living, изјави за Би-Би-Си дека ангажирала многу агенти кои зборуваат руски за да се грижат за зголемената побарувачка. Главниот извршен директор Тиаго Калдас рече дека добивале бројни повици од руски државјани кои сакаат веднаш да се преселат во Дубаи.

„Русите кои доаѓаат не купуваат само за да ги инвестираат своите пари, туку го гледаат Дубаи како втор дом“, рече тој.

Многу мултинационални компании и руски старт-ап, исто така, ги преместуваат своите вработени во Обединетите Арапски Емирати. Глобалните фирми како Goldman Sachs, JP Morgan и Google кои ги затворија канцелариите во Русија, исто така преместуваат дел од своите вработени во Дубаи.

На руската централна банка и е забрането да користи милијарди девизни резерви кои се чуваат во странство во странски банки. Некои руски банки се отстранети од системот за финансиски трансакции swift.

За да ги заштити своите резерви, руската влада воведе капитални ограничувања и им забрани на граѓаните да излезат од земјата со повеќе од 10.000 долари во странска валута. Поради тоа што е тешко да се префрлат готовина, многу руски купувачи вршат плаќања во криптовалути. Некои од купувачите имаат посредник кој ќе го преземе плаќањето во крипто, а потоа ќе му ја предаде готовината на продавачот во име на купувачот.

Земјите од Персискиот залив, вклучувајќи ги ОАЕ и Саудиска Арабија, ги игнорираа повиците на западните влади да воведат санкции кон Русија. Абу Даби беше една од трите земји, заедно со Кина и Индија, кои беа воздржани на гласањето во Советот за безбедност на Обединетите нации во февруари за осуда на руската инвазија на Украина. Зголемувањето на руските инвестиции доаѓа само неколку месеци откако ОАЕ беа ставени на „сивата листа“ од Работната група за финансиска акција (ФАФТ), глобално тело за надзор на финансискиот криминал. Тоа значи дека земјата се соочува со зголемен мониторинг на нејзините напори да се спротивстави на перењето пари и финансирањето на тероризмот. (Би-Би-Си)