„Боинг“ ги приземји авионите „777“ откако во лет се запали мотор и Делови од авионот паднаа врз куќи во Денвер

12

„Боинг“ препорача приземјување на повеќе од 120 негови авиони „777“ по катастрофалниот дефект на моторот што се случи на саботниот лет на „Јунајтед ерлајнс“ од Денвер за Хонолулу.

Авионот со 231 патник беше принуден да се врати на аеродромот во Денвер откако во лет му се запали мотор. Делови од авионот притоа паднаа врз куќи и други згради, но никој не беше повреден во инцидентот.

„Јунајтед ерлајнс“ кажа дека ги суспендирал своите 24 активни авиони „777“, додека Јапонија повлече 32 вакви авиона од употреба. Севкупно, „Боинг“ објави дека 128 авиони „777“ низ цел свет треба да бидат приземјени.

„Додека трае истрага, препорачуваме прекин на операциите на 128 авиони ‘777‘ кои ги користат моторите ‘прат енд витни 4000-112‘. Од нив, 69 се во активна служба“, соопшти компанијата.

„Јунајтед ерлајнс“ е единствената американска компанија која користи вакви авиони, а останатите се во Јапонија и Јужна Кореја.

Федералната агенција за авијација на САД кажа дека авионот што полетал од Денвер претрпел дефект во десниот мотор, при што се скршиле два пропелера. Делови од авионот потоа паднале врз околното населено место. Трупот на авионот поминал без значајни оштетувања.