Боки: Снимката од камерата во домот на моите родители ќе покаже каде заврши торбата „Луј Витон“

7

По двата лекарски прегледи и по дилемата дали може или не да ја следи судската постапка за Рекет, обвинетиот Бојан Јовановски даде воведен говор пред судот.

Судиите повторно го прашаа дали може да зборува, на што тој возврати дека живеел за денот кога ќе може да каже сè во врска со обвинението. Обвинетиот Јовановски појасни дека кривичното дело рекет, како што е и името на овој предмет, спаѓа под членот 258 од законот, а тука обвинителството гони лица за сосема друго кривично дело.

На обвинителката Русковска Јовановски ѝ замери дека му ставила етикета „самонаречена естрадна ѕвезда“ и посочи дека таквата реторика е срамна за ваков високопрофилен предмет, „несреќно наречен Рекет“.

„Не му е првпат на надлежниот јавен обвинител да им става етикети на обвинети лица, како и тоа дека претходно целата јавност ја знаеше по, ќе се извинам на зборовите, тресењето од гаќи. Од овој несреќно наречен предмет Рекет, ми се загрози мојот живот и животот на моето семејство, и трагично е како може преку вакви предмети да се водат политички битки, кои завршија на моите плеќи. Неподготвеноста на обвинителот што постапува во предметот доведе до тоа овој случај да се заснова на голи невистини и уништување медиум. Единствено што е точно е дека ми беше блокирана сметката и дека јас бев прокурист во 1ТВ“, рече пред судот Јовановски.

Тој дополни дека со предметот Рекет му било сатанизирано неговото име и зборуваше за тоа дека притворот што го издржува од 15 јули годинава му ја влошил здравствената состојба. Во текот на воведниот говор тој себеси си посака „само да е жив и здрав“ и дополни дека од неговата уста ќе излезат само вистини со кои ќе докаже каква е заднината на овој предмет.

Тој посочи дека во контекст на таа вистина ќе сведочи за организаторите и помагачите, за кои ќе поднесе и кривични пријави, а главен акцент стави на вештачењето на камерата од домот на неговите родители, за, како што рече, таа снимка да може да покаже во чии раце завршила торбата „Луј Витон“.

Јовановски го искористи воведниот говор за да ѝ каже на Русковска дека ја слушал кога била гостинка на Канал 77 и рече дека е револтиран од нејзиното зборување за него, кога рекла „Не ми го кажувајте вие мене Боки, должи пари и го тепаат насекаде“.

За познанството со обвинителката Јовановски посочи дека исто толку пати колку што седел со Катица Јанева во кафеана, исто толку седел и со надлежната јавна обвинителка, мислејќи на Русковска.

Во воведниот говор тој појасни дека „здравствено е лош“ поради две неуспешни операции направени во Систина, но дека психички е добар и дека памтењето го служи многу добро.

Пред присутните во судница тој ги повика меѓународната заедница и амбасадите на САД, Франција и Европската Унија и целата стручна јавност со големо внимание да го следат текот на судскиот процес што ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција го води против него и против Катица Јанева.

mkd.mk