Боки 13 денес пак во Обвинителството со нови пријави

27

Бојан Јовановски денес во Обвинителството во Скопје ќе поднесува нови пријави, откако беше осуден на девет години затвор во случајот „Рекет”. Од ОЈО за МКД.мк кусо потврдуваат само дека распитот на Јовановски е закажан за утрово.

Јовановски, според неговиот адвокат Сашко Дуковски, поднесе неколку кривични пријави на почетокот на јули кои се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувања, изнуда, измама, давање лажен исказ, несовесно лекување, тортура, а дел од нив се и за кршење на човековите права и нехуман однос кон неговиот клиент.

„Се поднесуваат кривични пријави против повеќе лица, најмалку 30 лица и поради сериозноста на наводите во кривичните пријави од страна на пријавителот беше побарано непосредно вклучување на најрелевантните меѓународни институции за заштита на човековите права, особено на најрелевантните свестски амбасади кои имаат свои дипломатско-конзуларни претставништва во Република Македонија заради содржината на тоа што се изјавува”, посочи тогаш Дуковски.

На денот кога минатиот пат Јовановски даваше исказ Дуковски доби телефонски повик со закани кои требало да му ги пренесе на Јованоски, а кои се однесуваа на тоа тој да внимавал што зборува пред обвинител оти ќе биде убиен.