Боки 13 побара Камчев да му се извини, а на Вилма ѝ дофрли: не се дери!

7

Бојан Јовановски Боки 13 тврди дека заедно со Зоран Милевски Кичеец му ја вратиле на Јордан Камчев чантата „Луј Витон“ во која биле спакувани 1,5 милиони евра, но Камчев рече чантата никогаш дека не му била вратена.

Откако сведокот Камчев заврши со сведочењето по прашања на обвинителката Вилма Русковска, обвинетиот Бојан Јовановски Боки 13 вкрстено го испрашуваше бизнисменот.

Боки прво побара Камчев да му се извини јавно поради, како што рече, тешки квалификации што ги изнел против него на денешното рочиште.

Кога обвинителката Вилма Русковска се обиде да реагира за начинот на испрашување, Јовановски ѝ дофрли од место, „Не се дери, потивко“.

Судијката во текот на рочиштето неколку пати ги предупреди присутните да се однесуваат пристојно, а во спротивно ќе ги отстрани од судницата.

– Ова не е театар – рече судијката Васка Николовска-Масевска.

Во продолжението на соочувањето Боки 13 рече дека како менаџер на телевизија имал право да бара пари за реклама.

– Како менаџер на ТВ имам право да побарам средства за реклама колку што сметам дека треба, како што вие како менаџер на болница одлучувате колку пари за операција ќе побарате иако операциите ги вршите неуспешно – му се обрати Боки 13 на Камчев.

На тоа Камчев одговори дека Боки 13 не е менаџер, туку невработен.

– Мојот пријател Ивајло од Бугарија ми помогна во случајот – одговори Камчев на прашање на Боки да ги каже сите со име и презиме кои му помогнале.

– Дали сте свесен дека сте сториле кривично дело шпионажа? – го праша Боки 13 Камчев, цитирајќи членови и ставови од Кривичниот законик. Според судијката, прашањето беше нерелевантно.