Боливискиот Сенат одобри нови избори, но без Моралес

24

Боливискиот Сенат одобри нови претседателски и парламентарни избори, но без неодамнешниот претседател Евo Моралес, кој замина во Мексико по оставката, пренесува АФП.

Текстот беше едногласно усвоен од горниот дом на парламентот, соопшти Сенатот на Твитер, додавајќи дека текстот за изборите допрва треба да го усвои долниот дом. Ако и двата дома го усвојат текстот, треба да следи одобрувањето на привремената претседателка Хенин Аннес. Текстот усвоен од Сенатот предвидува, меѓу другото, и поништување на резултатите од претседателските избори на 20 октомври, за кои Моралес тврди дека победил.

Преодната влада треба да започне дијалог со демонстрантите кои се поддржувачи на Моралес со цел да се смири ситуацијата бидејќи повеќе од 30 лица загинаа во немирите.

Боливија влезе во политичка и безбедносна криза по оспорените претседателски избори од 20 октомври, на кои за победник се прогласи дотогаш актуелниот претседател Моралес. По протестите низ цела земја и укажувањата на меѓународната заедница дека имало неправилности на изборите, Моралес си поднесе оставка и побара азил во Мексико.