Борел и Ленарчич во обид да ги смират тензиите со Ердоган

14

По заканите на Реџеп Таип Ердоган дека ќе “пушти” милиони сириски бегалци од Турција кон границите на ЕУ, хаосот на турско-грчката граница не стивнува.

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел и комесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчич, денес и утре ќе престојуваат во Анкара каде ќе разговараат со високи владини претставници, но средба со претседателот Ердоган не е предвидена.

По заканите на Реџеп Таип Ердоган дека ќе “пушти” милиони сириски бегалци од Турција кон границите на ЕУ, хаосот на турско-грчката граница не стивнува.

Борел и Ленарчич овие два дена во Анкара ќе “одржат разговори за ескалацијата во северноисточната сириска провинција Идлиб и хуманитарните последици за цивилното население на терен како и ситуацијата на сириските бегалци во Турција”, стои во официјалното соопштение на ЕУ.

По бегалскиот бран во 2015, ЕУ и Турција склучија договор според кој Анкара прифаќа да ги задржи сириските бегалци на своја територија во замена за финансиска помош од ЕУ наменета за бегалците.

Но, по бомбардирањата на режимот на Башар Ал Асад и неговиот руски сојузник врз Идлиб, нов бран на бегалци и се заканува на Турција. Ердоган најави дека ќе ги пушти бегалците кон ЕУ и покрај склучениот договор со Унијата.

Од ЕУ, меѓутоа, тврдат дека формално Анкара не побарала поништување на овој договор и очекува од турските власти да продолжат да ги почитуваат обврските кои произлегуваат од него.

По средбите денес и утре, Борел заминува за Загреб каде се одржува неформален министерски состанок за надворешни работи, на кој состојбата во Турција и Сирија ќе биде главна точка на дневен ред, додека Ленарчич останува во Турција, каде ќе ги посети бегалските кампови во Газиантеп.