Борисов предлага уставни измени и нови избори

18

Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов во денешното вонредно обраќање до нацијата најави дека неговата парија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) ќе побара итна седница на Големото народно собрание (државен орган што ја извршува законодавната власт), на која би бил донесен нов устав и би биле распишани нови парламентарни избори, јави БГНЕС.

Веднаш по нивното распишување најави дека ќе поднесе оставка од премиерското место.

„Време е за одговорност и одлучност! Време е не само за смена на политичкиот систем, туку за рестартирање на државата. Неопходно е рестартирање на политичкиот модел и не може повеќе да се пролонгира. Единството, државноста и стабилноста на земјата за мене не се само прости зборови, тоа е основата од која сум тргнувал за секое решение“,рече Борисов во обраќањето.

Тој посочи дека нов устав барале и граѓаните и невладините организации, кој би бил во согласност со европските правила и со кој би се спровеле уставни реформи.

Борисов најави дека ќе побара намалување на бројот на пратениците од 240 на 120, додека во Големото народно собрание бројот на претставници да биде намален од 400 на 280.

Предлага и повеќе судски реформи како: укинување на Вишиот судски совет и создавање на Судски совет на судии и Судски совет на обвинители, мандатите на судиите во сите бугарски судови да бидат пет години, формирање на Институт за индивидуална уставна жалба, главниот обвинител да биде сослушуван секои шест месеци од Народното собрание. Тој наведе дека со тоа ќе се зајакне довербата во судскиот систем.

Тој во обраќањето се осврна и на антивладините протести кои траат повеќе од еден месец, истакнувајќи дека дека го почитува бунтот на младите луѓе.

„Тие сè уште имаат шанса да создадат ново, легитимно, демократско движење и нова генерација на политички лидери со демократски имиџ на Бугарија. Време е младите да ја реализираат својата историска мисија и тешкиот пат што ќе го предложам да го изодиме заедно“,истакна Борисов.

Тој најави дека во оној момент кога Народното собрание ќе распише нови парламентарни избори, тој ќе се повлече од позицијата премиер.

Во Бугарија 36-ти ден по ред секојдневно се одржуваат антивладини протести, а три крстосници во Софија се блокирани од шатори.

Во вториот по големина град во Бугарија, Пловдив, демонстрантите блокираа крстосници, поради што 19 линии од јавниот превоз ги сменија рутите.

Демонстрантите бараат оставка од премиерот Бојко Борисов и државниот обвинител Иван Гешев, откако тој нареди претрес на кабинетот на претседателот Румен Радев и апсење на двајца негови соработници.

По две недели непрекинати протести, премиерот Бојко Борисов минатата недела ја реконструира владата, беа сменети неколку министри, но демонстрациите остануваат на барањата за оставка од целата влада. Претседателот Румен Радев, исто така, побара оставка од владата пред десетина дена, а кога се сменија само неколку министри, тој излезе со коментар дека тоа е само обид да се купи време на штета на Бугарија.