Борис Џонсон: „Загрижен сум за насилствата во Северна Ирска“

22

Британскиот премиер Борис Џонсон изрази длабока загриженост по сцените на насилство во Северна Ирска, каде што група млади луѓе во пробританската област на Белфаст насилно одзедоа и запалија автобус и ја нападнаа полицијата со камења.

Делови од Северна Ирска се соочија со шестата последователна ноќ на насилство откако унионистите и националистите се судрија со полицијата, но и едни со други, јави „Си ен ен“.

Џонсон на „Твитер“ напиша дека е особено загрижен за нападот врз полициската служба во Северна Ирска, возачот на автобусот и нападнатиот новинар од „Белфаст телеграф“. „Начинот да се надминат разликите е дијалог, а не насилство или криминал“, оцени Џонсон.

Група млади луѓе во пробританското подрачје на Белфаст запалија киднапиран автобус и ја каменуваа полицијата во последната од низата насилни акции што започнаа минатата недела во Северна Ирска.

Десетици полицајци беа повредени во ноќното насилство, кое вклучуваше палење автомобили и фрлање молотови-коктели кон полицијата.

Насилството доаѓа во време на зголемена загриженост кај многумина во про-британската унионистичка заедница во врска со новите трговски бариери помеѓу Северна Ирска и остатокот од Велика Британија како резултат на излегувањето на Велика Британија од Европската Унија.

Насилството се случи во Западен Белфаст, во близина на таканаречениот „мировен ѕид“ што ја одделува заедницата од ирското националистичко упориште ФалсРоуд, каде што се собираа и групи млади луѓе. Беа изградени ѕидови и огради меѓу двете заедници за да се спречат судири за време на три децении насилство во Северна Ирска, кои во голема мера завршија со мировниот договор од 1998 година.

И лидерите на најголемите политички партии во Северна Ирска, Шин Фејн и ДУП, го осудија насилството, особено киднапирањето автобус и нападот врз фоторепортерот на „Белфаст телеграф“.

Северна Ирска како дел од Британија, го претставува преостанатиот дел од островот Ирска, која е прва колонија на Британската Империја. Од 1960 до 1998 година се одвиваа судири и терористички настани меѓу католичките сепаратисти и протестантските унионисти кои се пробритански ориентирани. Во терористичките настани именувани како „Проблеми“, што траеја речиси 40 години, животот го загубија околу 3.500 лица.