Босна им забрани на бранителите од 1992-1995 да патуваат во Србија

6

Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина (БиХ) им препорача на сите граѓани, кои на било кој начин биле вклучени во одбраната на БиХ во периодот од 1992 до крајот на 1995 година, да не патуваат во Република Србија. Оваа препорака , се наведува во соопштението, важи до ново, следно известување.

„Предупредувањето е издадено поради ризик од апсење и гонење во Република Србија под обвинение за воени злосторства a врз основа на претходни случаи на апсење на државјани на БиХ против кои не се водат постапки во БиХ, ниту пак се обвинети за воени злосторства од судските институции на Босна и Херцеговина“, се вели во соопштението.

Министерството за надворешни работи на БиХ наведува дека институциите на Република Србија не покажувале волја за активна меѓународна соработка и размена на информации во оваа област.

Во неделата, на 12 септември, Един Врањ, поранешен шеф на секторот за криминалистичка полиција во Федералната полициска управа на БиХ и поранешен шеф на Одделот за организиран криминал во БиХ, беше уапсен на граничниот премин Увац помеѓу Србија и Босна и Херцеговина.

Високиот суд во Белград, донесе одлука за определување 30-дневен притвор за Врањ, осомничен за воени злосторства, поради опасност од бегство.

Обвинителството на БиХ претходно соопшти дека е известено за апсењето на Врањ од медиумите, и дека не добило никакво официјално известување или информација од надлежните органи на Србија.

Во соопштението се наведува дека Обвинителството на БиХ постапило врз основа на извештај поднесен од надлежните полициски органи кој се однесува на наводи за воени злосторства извршени врз српски жртви во зградата на ЗОИЛ во Горажде во 1993 и 1994 година.